[ad_1]
Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
„Историјата ни кажува дека слепата лојалност кон еден единствен лидер и подготвеноста за вклучување во политичко насилство е фатална за демократијата“ – рече американскиот претседател Бајден во својот 25-минутен говор во Филаделфија на 1 септември.
https://www.youtube.com/watch?v=QWaNkcfFnNc
Бајден е на турнеја низ САД во поддршка на Демократите на конгресните избори што се одржуваат на 8 ноември. Остриот говор во Филаделфија е уште еден во низата јавни настапи на американскиот претседател во кои тој жестоко ја брани демократијата од Трамп и неговите поддржувачи кои веруваат во насилството како политичка алатка. Американската јавност сѐ уште дебатира околу тоа што тој, на 25 август во Роквил Мериленд, рече дека Трампистите опасно ја искористуваат Републиканската партија и се свртуваат кон, како што се изрази, полу фашизам (semi fascism).
„Полу фашизмот“ на Трамп и МАГА Републиканците
„Она што го гледаме сега е или почеток или смртна закана од екстремната филозофија на MAGA. Не е само Трамп, туку целата филозофија што го поддржува – ќе кажам нешто – тоа е како полу фашизам“ – рече американскиот претседател Џо Бајден на настан за прибирање фондови во пресрет на конгресните избори во ноември 2022.
Истиот ден, во Роквил, 25 август, пред илјадници свои поддржувачи, Претседателот Бајден одржа жесток говор во кој ги посочи МАГА Републиканците (MAGA – Make America Great Again / Направете ја Америка повторно величествена) како закана за демократијата.
„МАГА Републиканците не ги загрозуваат само нашите лични права и економската сигурност. Тие се закана за нашата демократија. Одбиваат да ја прифатат волјата на народот. Тие прифаќаат политичко насилство. Не веруваат во демократија“ – рече Бајден во својот говор, по кој Републиканците и медиумите што ги поддржуваат деноноќно го напаѓаат и бараат извинување од него.
Трампистите не слушаат никого освен себеси
Главниот „аргумент“ на Републиканците и нивните медиуми и коментатори е дека Бајден понижил половина од американската нација со тоа што ги нарекол „закана за демократијата“, а на настанот за прибирање средства пред потенцијалните донатори кажал дека се свртени кон полу фашизам. Тоа е уште една лага. Бајден го нарече Трамп и неговите поддржувачи во Републиканската партија закана за демократијата и кажа дека тоа што го прават тие е полу фашизам. Тоа ни оддалеку не се однесува на сите што гласале за Републиканците на изборите во 2020 година. Но Трампистите не слушаат никого освен себеси. Тие упорно и со голема врева повторуваат дека Бајден ги навредил сите и дека треба да се извини.
А кога веќе мораат да слушнат (во ТВ соочувања) дека тоа се однесува на Трампистите или МАГА Републиканците, тие веднаш се бранат – „ама тоа сѐ уште е голем број луѓе“… Каков аргумент е тоа? Колку луѓе смееме да наречеме (полу) фашисти? Ако голем број луѓе се (полу) фашисти, не смееме така да ги наречеме? Само ако се малкумина, можеме така да ги наречеме?
Бајден обединува и по цена на критика од својата партија
Бајден како политичар е многу одамна познат по својата пружена рака и спремноста да работи заедно со политичките опоненти. Понекогаш е и остро критикуван од редовите на неговата Демократска партија за неговата кооперативност со политичките ривали.
И тој, во своите говори на турнејата низ САД, не прави отстапка од тоа. Јасно ги означува Трамп и неговите приврзаници од редовите на Републиканската партија како вистински непријатели на американската демократија. И има повеќе од доволно несоборливи факти и аргументи за своето тврдење (инфраструктурни и здравствени прашања), иако не е мал бројот на одлуки што ги блокираат Републиканците во Конгресот.
Претседателот кој се обиде да изврши државен удар
Трамп за време на своето владеење се покажа како самовљубен владетел со авторитарни тенденции. Тој се служеше со говор на омразата буквално секој ден. Во неговите изјави и твитови светската јавност не еднаш препозна отворена омраза по разни основи, вклучително и расизам. Тој со голем број одлуки, изјави и постапки ги загрози човековите права и слободи. Започна да гради ѕид кон Мексико и насилно одвои стотици деца од своите семејства на таа граница.
За време на својот мандат 2016-2020, Трамп спроведе милитаризација на политиката во САД и водеше тоталитарна пропаганда во која тој требаше да биде „саканиот и единствениот, неприкосновен лидер“. Донесе голем број неуставни одлуки. И на крајот, кога изгуби на избори кои ги организира неговата администрација (беше на власт), ги обвини Демократите за изборна кражба (без ниту еден доказ). Кога ни тоа не му успеа, тој и неговите приврзаници се обидоа да извршат државен удар на 6 јануари 2021 година.
Нервозата на Трампистите
„Навреденоста“ на Трампистите произлегува единствено од нивната нервоза во пресрет на конгресните избори, но и поради незапирливата американска правда која, еден по еден, ги осудува организаторите и учесниците во обидот за државен удар на 6 јануари 2021 година.
Наодите од претресот на ФБИ Мар-а-Лаго во Флорида, уште повеќе го доближија екс-твитерџијата Трамп до работ во истрагата што се води против него. Да се потсетиме, претресот е во врска со истрагата против Трамп за: кршење на Законот за шпионажа во врска со неовластено задржување на информации за националната одбрана; уништување или прикривање на записи „со намера да се попречи или да се влијае“ врз активноста на федералната влада; незаконско отстранување или уништување на записи на федералната влада.
Демократот наспроти „поразениот претседател“
Претседателот Бајден ќе остане забележан во историјата по највисоко ниво на соработка со политичките опоненти, особено ако се види бројот на клучни одлуки во Конгресот, каде што Бајден успеа да ги обедини политичките ривали. Но тој прави јасна разлика меѓу Трамп и МАГА Републиканците. Тој и во својот незаборавен говор по повод една година по нападот на Капитол Хил во Вашингтон, го нарече Трамп – поразениот претседател и говореше за трампистичките Големи лаги.
Тоталитарни тенденции, самоволие наспроти владеење на правото, политичко насилство, полициско насилство, пропаганда заснована на лаги, расизам, поткопување на демократијата, насилно освојување на власта – се дел од дефиницијата за фашизам. Владеењето на Трамп не премина во диктатура. Тоа е, веројатно, причината поради која претседателот Бајден не ги оквалификува Трамп и МАГА Републиканците со фашизам, туку „само“ со полу фашизам. Сатиричарите се пошегуваа дека со тоа ги навредил Трампистите. Како тоа „полу“?
Карикатура: Пат Бирнс, The Week
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање само на текстот, според лиценцата Creative Commons 4.0.