ЕУ не може постојано да одложува некои одлуки, изјави денеска во Фиренца српската премиерка Ана Брнабиќ, на собирот посветен на состојбите во Унијата, додавајќи дека тоа е случај за целиот регион на Западен Балкан, пренесе Телеграф.
Брнабиќ порача дека не треба да се занемари Западен Балкан и ЕУ да ја отвори вратата на некој друг, без разлика на политичката ситуација, бидејќи, како што рече, тоа би било голема грешка и не би било фер.
– Не можам да замислам некој да стане членка на ЕУ пред Западен Балкан – рече Брнабиќ.
Таа ја наведе Северна Македонија како пример дека и покрај тоа што го смени името, се уште не ги почна преговорите за влез во ЕУ.
Брнабиќ нагласи дека членството во ЕУ е секогаш политичка одлука, за која не е пресуден степенот на спроведени реформи, додавајќи дека одлуките за членство на Бугарија, Романија и Хрватска биле политички.
Таа го истакна и значењето на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, на Србија, Албанија и Северна Македонија, нагласувајќи дека е отворена поканата за приклучување и на другите од регионот, пишува Телеграф.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
