Францускиот предлог за деблокада на македонските интеграции во Европската Унија (ЕУ), интегрално преведен на македонски јазик, е објавен на официјалната веб страница на Владата, со цел транспарентно информирање на јавноста, а за него, на барање на дел од коалициските партнери во власта, според најавите, ќе се разговара и во Собранието.
Во рамки на разговорите за францускиот предлог за преговарачката рамка, денеска во Скопје пристигнува претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со цел да ја покаже поддршката на ЕУ за францускиот предлог и да ја потврди заложбата на Унијата за интегрирање на Северна Македонија.
Предлогот од средината на минатата недела е достапен за јавноста и ставен на широка консултација која премиерот Димитар Ковачевски ја води со сите чинители во државата, вклучувајќи ги и опозициските партии, граѓанските организации и медиумите. Вчера беше претставен пред Стратешкиот совет на Министерството за надворешни работи, со цел одржување на консултации за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.
Ковачевски на завчерашната средба со коалициските партии Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП, дал согласност предлогот да биде ставен на пленарна седница и по расправата од пратениците за него да бидат изгласани заклучоци.
Засега не е прецизирано кога би се одржала средбата со оглед на тоа што помалите партии побарале објавување на сите документи содржани во предлогот, меѓу кои и протоколот. Притоа порачале оти за нив е неприфатливо доколку билатералните прашања поврзани со историјата и со образованието да бидат дел од преговарачкиот процес.
Од Демократскиот сојуз, пак, побараа да се направат промени во преговарачката рамка. Тие сметаат дека во услови на геостратешки конфронтации, од круцијално значење за државава е да започнат преговорите со ЕУ и да продолжат реформите и имплементацијата на европските вредности.
„Владата на Република Македонија да инсистира да се преработи Преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија. По усвојување на Преговарачката рамка да започнат пристапните преговори преку отворање на поглавјата. Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање и слично“, стои во заклучоците од ДС, од каде нагласуваат дека не смеат да се прифатат разговори за македонските ревулуционери. Бараат и да се се прекинат какви било дискусии за заедничко славење на македонските национални празници.
Од ДС порачуваат и историските и образовните прашања, како и говорот на омраза и отворањето на досиејата за прогонувани лица од комунистичкиот режим, да биде на реципрочна основа и да не и се овозможи на Бугарија да се меша во внатрешните работи на Македонија преку Преговарачката рамка, годишните прегледи, Акцискиот план и протоколите.
Во рамки на широките консултации за предлогот, Ковачевски вчера имаше средба со лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој изјави дека Северна Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите и оти друга опција за нас како држава не треба да постои. Најави дека ќе го разгледаат францускиот предлог по што ќе излезат со свој став како партија.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и повторно побара од Ковачевски да го отфрли предлогот или да се тргнат точките од Годишните извештаи каде што се повикува на Протоколот.
Предлогот, како што рече, „не треба да мине во Собранието, а и да мине тоа ќе биде на сила“.
Во меѓувреме, од Европската комисија информираа дека најбрзо што можат ќе изнесат детали за македонскиот јазик во договорот за Фронтекс, кој Софија досега го блокира токму поради нашиот јазик.
Според македонските владини претставници, преговарачката рамка предложена од француското претседателство треба да го деблокира и договорот за Фронтекс, кој Северна Македонија не можеше да го потпише до сега поради одбивањето на Бугарија во него да стои македонски јазик.
Од генералниот директорат за внатрешни работи на Европската Комисија, пак, одговорија дека нивните служби работат на ова прашање и најавија дека ќе испратат одговор „што е можно побрзо“.
Во Скопје во изминатите три дена се одржаа протести за отфрлање на францускиот предлог, а учесниците кои официјално немаат организатор, но се поддржани од политички партии и граѓански организации, сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.