Официјалната делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, која е во дводневна посета на Обединетите Арапски Емирати, по вчерашното одбележување на Националниот ден во рамките на Експо Дубаи 2020, денес, во утринските часови, учествуваше на бизнис конференција која се одржа на самото Експо, а на која беа презентирани можностите за инвестирање во нашата земја.
Бизнис конференцијата е поделена на два панела, а на првиот панел свои обраќања имаа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили и директорот на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот Љупчо Јаневски, кои секој во својот дел извршија презентација на можностите за инвестирање и водење на бизнис во нашата земја.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, го претстави Фондот како водечка владина институција за поддршка на микро, мали и средни иновативни компании, а главните приоритети се кон подобрување на пристап до финансиска поддршка за иновации, технолошки развој, промовирање и поттикнување на иновациската дејност во Северна Македонија.
„Во моментов, ФИТР преку своите финансиски инструменти, има поддржано над 702 проекти кои се со вкупна вредност на инвестиција од над 87 милиони евра при што поддршката на ФИТР изнесува 50 милиони евра додека компаниите учествуваат со 37 милиони евра. Од портфолиото на ФИТР дури 56%, односно 392 поддржани компании се стартап компании, претежно основани од млади луѓе“ кажа Халили и најави дека следен предизвик за Фондот е отворање на првиот хибриден инвестициски фонд од 27 милиони евра во кој државата ќе инвестира 10 милиони евра.
Во вториот дел од Бизнис конференцијата, пред присутните бизнисмени од Обединетите Арапски Емирати и од другите земји кои изложуваат на Експо Дубаи 2020, презентација на своето работење имаа и претставниците на четирите најголеми стопански комори: Виктор Мизо (потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија), Трајан Ангелоски (претседател на Сојузот на стопански комори), Неби Хоџа (претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (претседателка на МАСИТ).