PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 1180x200

ДКСК: Изминативе десет години направени 32 интервенции во Изборниот законик

Feb 8, 2022

Во изминатите десет години направени се 32 интервенции на постоечкиот Изборен законик, од кои 14 се за спроведување на рекламирањето на партиите, а интересно е тоа што за носењето на ниту една измена не била организирана јавна расправа.

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 300x250

Како што соопшти на денешната седница Катица Николовска, членка на ДКСК, и оваа изборна година беа извршени измени во Изборниот законик непосредно пред самите избори.

-Поаѓајќи од многу честа промена на Изборниот законик која се случува непосредно пред започнување на изборниот процес, не поттикна да истражиме што е тоа и што се менува во Изборниот законик, посочи Николовска.

Таа констатираше дека од кога е донесен основниот текст на овој Изборен законик што е во сила од 2006 година, вкупно 32 пати се констатирани интервенции, од кои 22 измени се измени и дополнувања на законот, четири измени се врз основа на одлуки на Уставен суд со кој што се укинуваат одредени одредби, два пати измените се однесуваат на пролонгирање на рокови за одржување на избори, и четири пати се извршени само технички корекции од одредени членови.

Како што рече, најголем број промени претрпеле одредбите од спроведувањето на изборната кампања. -Дури 14 пати тоа се однесува на ракламирање, финансирање и известување, што од една страна создава несигурност и неизвесност во постапувањето на засегнатите страни на изборниот процес, а во јавноста се јавува сомнеж дека политички партии и спротиставените политички идеологии секогаш имаат ист став и заеднички интерес кога постои можност измените да овозможат доволни извори на финансирање на изборната кампања, подобра позиција и позитивен исход од изборите, додаде Николовска.

Во однос на времето кога се направени измените и датумот на одржување на изборите, членовите на ДКСК констатирале дека во последните десет години измените се вршат многу кратко време, непосредно пред донесување на решенето за распишување на изборите, а за овие последни локални избори измените беа направени 41 ден по донесување на решението за распишување на изборите од страна на претседателот на Собранието.

Ова, како што додаде Николовска, е сосема спротивно на препораките од ОБСЕ и ОДИХР, кои континуирано испраќаат порака измените во Изборниот законик да се направат најмалку шест месеци пред почетокот на изборите.

Исто така, за сите овие измени во изминативе десет години ниту еднаш не е одржана јавна расправа по однос на понудените решенија.

ДКСК на денешната седница го усвои овој извештај за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања Локални избори 2021, и истиот утре ќе биде доставен до Собранието.

Препорака на ДКСК е кога ќе се презентира извештајот, работните тела во Собранието да се замислат на сериозните констатации од оваа анализа за перманентното менување и дополнување на Изборниот законик.

-Секојдневно сме бомбардирани со информациите дека повторно Изборниот законик се менува, независно за што се зборува. Болеста наша е постојано да ги менуваме законите, да ги донесеме брзо а уште побрзо да влегуваме во измени, а потоа се отвора поле за политичка корупција од која што зависи и се понатаму во системот. Ова е добра прилика да размислат политичките партии во државата дали е ова добар момент за целосно ревидирање на законот, но не заради парцијални измени, додаде Николовска.

Таа порача целиот закон да се стави на маса и да се направи решение што ќе овозможи барем неколку изборни циклуси да не се воведуваат нови измени.

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 940x400

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ