На оние што веќе го купиле, од „Стокомак“ велат дека ќе им ги вратат парите
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека од продажба се повлекуваат 20 тони небезбедно трајно млеко „милкано“ со 3,2 отсто масленост поради присуство на афлатоксин М1. Млекото е произведено во Босна и Херцеговина, а увозник и дистрибутер е „Стокомак“ од Скопје.
Агенцијата соопшти дека сите други производи од овој бренд се безбедни, со исклучок на млекото со наведениот лот и рок на употреба, и ги повика потрошувачите што го имаат купено овој производ со конкретен лот и рок да не го консумираат и да го вратат на местото од каде што го купиле.
Од АХВ информираа дека станува збор за УХТ трајно млеко „милкано“ 3,2 отсто масленост, сериски број/лот- LOT FD04 со датум на производство 5.10.2022 и рок на употреба 4.3.2023.
Од синџирот маркети каде што се продава овој производ, преку соопштение на Фејсбук ги повикаа своите купувачи доколку го купиле овој производ, да го вратат во нивните маркети, по што ќе им биде надоместен целиот износ. Поради овој пропуст, додаваат оттаму, повеќе нема да соработуваат со оваа млекарница.
Афлатоксинот го има во млекото преку пченката со која се храни стоката. Афлатоксинот во млекото е најсилниот канцероген што се наоѓа во природата. Во Србија и во Македонија дозволената концентрација на афлатоксинот во млекото е 0,05 микрограми на еден килограм, во ЕУ е 0,025, а во Унгарија е 0.
За да се произведе еден килограм сирење, потребни се најмалку 3,5 литри млеко. Тоа значи дека 3,5 пати е зголемена опасноста по здравјето на луѓето од еден килограм сирење.
Афлатоксинот кога еднаш ќе влезе во синџирот на исхраната, тешко се уништува. Возрасните лица имаат поголема толерантност кон афлатоксините затоа што се широко распространети во природата. Сепак, ако сте постојано изложени на неговото дејство, опасноста е голема, а најчестата болест што се јавува е рак на црниот дроб.
Овој канцероген се појавува и во сите други млечни производи, а не само во млекото. Потрошувачот ни по вкус ни по мирис може да се посомнева дека некое млеко е токсично.
Со оглед на фактот дека афлатоксинот е проблем на целиот регион, пред десетина години, министрите за земјоделство од ЈИЕ се согласија да обезбедат основа за контрола на афлатоксини во сточната храна и млеко и да ги следат постојните граници утврдени со прописите на Европската Унија.