Со Владина уредба вчера се регулираше енергетската помош за здравствените и за образовните институции. Предлогот на Министерството за економија нема да биде испратен во Собранието и нема да чека на гласање од пратениците.
На вчерашната седница Владата ја измени Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба. Со неа се отвора можност за „непречено и сигурно снабдување со електрична енергија на потрошувачите кои вршат дејност од јавен интерес заради заштита на животниот стандард, од страна на универзалниот снабдувач“.
Вака се реализира најавата на премиерот Ковачевски за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и снабдување на здравствените установи со струја од ЕСМ. Дополнително, треба да се утврди листа на дејностите од јавен интерес што ќе бидат опфатени, односно дали тоа ќе се однесува и на јавните претпријатија или – на кои конкретно.
Ваква уредба е овозможена по прогласувањето Кризна состојба, објаснуваат владини претставници. Истовремено, ВМРО ДПМНЕ реагира што во Собранието не се стигнати законски измени иако Владата ги назначи како итни, а се тактизира со нивниот предлог кој има слична содржина.
Милошоски вели дека ВМРО ДПМНЕ нема да го поддржи Законот за задолжување кај ЕБОР со 100 милиони евра за помош на ЕСМ. Се сомневаат дека тие средства ќе бидат злоупотребени и недомаќински трошени.
Ова е еден од законите за чие одблокирање апелира власта. На списокот се и законите за енергетика, за енергетска ефикасност, за поставување фотоволтаици, за нафта и нафтени деривати и други, битни за справување со енергетската криза.
Вчера, лидерите на двете најголеми партии, Ковачевски и Мицкоски, сепак направија обид за подигање на националните интереси над партиските. Лидерската средба беше посветена единствено на подобро справување со енергетската криза.