Што заради штрајкови, што заради недостаток на вработени, и нешто помалку заради невремиња, летово до сега во Европа се откажани илјадници летови кои создадоа повеќечасовни редови и гужви на најголемите европски аеродроми.
Штрајковите главно се должат затоа што за време на ковид пандемијата, кога целата индустрија беше приземјена, вработените се согласија на намалување на платите, а добар дел беа и отпуштени. Сега од пилоти до луѓето задолжени за багаж бараат поголеми плати и подобри услови за работа, а дел од отпуштените воопшто не се враќаат назад што значи потрага по нови вработени и нивна обука.
Во исто време на протести беа вработените во најголемиот оператор на аеродроми во Франција и персоналот за чекирање на Бритиш ервејс, кои пред некој ден го прекинаа штрајкот.
Синдикатот на вработените на Луфтханза кои не летаат, побара покачување од најмалку 350 евра месечно во текот на следните 12 месеци за да се олесни влијанието од инфлацијата.
Шведски САС и синдикатите на пилотите неделава треба да продолжат со преговорите за постигнување на нов колективен договор и прекинување на штрајкот. На почетокот од јули пропаднаа преговорите меѓу двете страни, по што 1.000 пилоти се повлекоа од работа. Во вторникот беа откажани 190 летови на САС што е 61% од закажаните.
Штрајкови за поголеми плати има и во Рајанер и во Изиџет.
За да можат да постигнат и покрај помалиот број вработени, авиокомпаниите одлучија да скратат илјадници летови од својот распоред. Вклучително компании како Бритиш ервејс, Луфтханза и Изиџет, и тоа на некои од најголемите европски аеродроми.
Аеродроми како Хитроу, заради немање персонал, реши да го ограничи бројот на патници што минуваат преку него на 100.000 луѓе на ден.
Кризата во која се наоѓа индустријата се влече од затворањето за време на пандемијата, кога индустријата беше присилена да отпушти илјадници вработени, кои пак беа присилени да најдат друга егзистенција и главно не се вратија назад на работните места.
„Директори од индустријата објаснуваат дека е тешко да се регрутира за често пати физички напорната и релативно ниско платена работа на аеродроми кои се наоѓаат вон градот.
Обуката на нови вработени и вадење безбедносни дозволи за истите да работат на аеродроми исто така можат да траат со месеци,“ пишува Ројтерс.
Во очај по вработени, компанијата задолжена за обезбедувањето на парискиот Шарл де Гол, дава еднократен бонус од 180 евра за сите вработени што ќе го одложат летниот одмор за после 15 септември, и 150 евра за сите вработени што ќе донесат нови регрути.
Германија планира по забрзана постапка да извади работни дозволи и визи за неколку илјади странски аеродромски работници, главно од Турција.
Во Шпанија полицијата ќе ангажира дополнителни 500 вработени со кои бројката на обезбедување на шпанските аеродроми ќе порасне на 1.700 луѓе.
Схипхол аеродромот во Амстердам на 15.000 чистачи, обезбедување и луѓе што работат на багажот за летниот период ќе им плати дополнителни 5,25 евра по час. Моментално на и околу аеродромот има 58.000 вработени, што е 10.000 помалку од пред пандемијата.
А и во Америка не е нешто подобра состојбата со авио-индустријата: