Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби ги објави новите важни одлуки донесени на денешната 83-та седница на Владата.
Како што истакна, Груби една од поважните одлуки е дека на крајот на овој месец пензионерите ќе почнат да ги добиваат нивните пензии со зголемување од 6,8%.
Исто така, Владата донесе одлука за трговската маржа на основните прехранбени производи која продолжи да биде замрзната во наредните три месеци, до 31 декември годинава во трговијата на големо и мало.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата е испратен во собраниска процедура со кој ќе се овозможи зголемување на платите за категоријата даватели на услуги во градинките за 15%, а се утврдува и дека висината на нивната минимална плата да не биде помала од 57% од просечната плата.
Усвоен е и текстот на предлог законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство меѓу нашата земја и Европската комисија за ИПА III, како и Информацијата за Секторската спогодба со Европската комисија со која се дефинира начинот на спроведување на финансиската помош во областа на земјоделството и руралниот развој преку програмата ИПАРД III.
Исто така, усвоена е и Информацијата за потпишување на Договорот за соработка меѓу Владата и општините од државата во сферата на дијаспората, објави Груби на социјалните мрежи.