Во Италија денеска се одржуваат парламентарни избори кои според последните анкети ќе доведат на власт десничарска коалиција од која Брисел однапред е претпазлив, бидејќи не се сигурни какви промени ќе следат во Рим, пред се во надворешната политика.
Речиси сите се согласуваат дека победник на изборите ќе биде партијата „Браќа на Италија“, предводена од Џорџа Мелони, која треба да формира влада со коалиционите партнери – Лигата предводена од Матео Салвини и остатокот од Форца Италија, предводена од поранешниот премиер Силвио Берлускони, јавуваат агенциите.
Според извештаите, речиси сигурна промена на власта во Италија доаѓа во најчувствителниот момент за Брисел, затоа што може да се доведе во прашање стабилноста на еврозоната, енергетската безбедност и она што во моментов најмногу ја загрижува Европската Унија – односот кон војната во Украина.
Засега, како што стои во новинарските написи, е сигурно само дека идната десничарска влада радикално ќе ја промени позицијата на Италија во однос на мигрантската криза и дека Рим многу веројатно ќе ги затвори границите за мигрантите.
На изборите ќе се избираат членовите на Долниот дом на Парламентот и Сенатот, чиј број по последните уставни измени е намален од 945 на 600.
На десничарската трипартиска коалиција ќе и се спротивстави коалицијата предводена од Демократската партија на Енрике Лете, кој беше премиер меѓу 2013 и 2014 година, а таа е составена од други мали партии.
Последните анкети покажале дека партијата „Браќа на Италија“ треба да добие 25 отсто од гласовите, Лига 13, а Форца Италија седум отсто. Ако тоа е исходот од изборите, таа коалиција ќе има 250 од 400 пратеници во Долниот дом и 126 од 200 сенатори, предвидуваат медиумите.
Во Брисел, според агенциите, не кријат дека се загрижени за можното формирање на десничарска влада во Рим, па претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен изјави дека Европската Унија „има доволно ресурси“ доколку работите во Италија тргнат „во тешка насока“.
Нејзиниот коментар како што објавуваат медиумите, предизвикал бројни остри реакции од италијанските политичари, кои ја обвиниле Фон дер Лаен за директно мешање во изборниот процес.
Во Брисел, според анализите, најмногу се загрижени од можната промена на ставот на Италија за војната во Украина, бидејќи членовите на десничарската коалиција традиционално се многу блиски со рускиот претседател Владимир Путин, иако во последните месеци ја променија својата реторика.