Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека ќе побараат враќање на средствата од тие што земале плата, а не работеле во општината.
– Вкупно 294 претходно вработени во општина Тетово или кои имале договор на дело не ми поднесоа извештај за нивното сработено, што значи земале плата, а не работеле. Буџетот се оштетувал за сума од околу 1 милион евра годишно. Ние ќе побараме овие средства да се вратат, ако треба и по судски пат. Разберете, за многумина не можевме два месеца договорите да им ги најдеме, скриени по фиоките – вели Касами.
Тoj обвини дека во општината се распишувале тендери откако работата веќе била завршена.
– Еден од примерите за злоупотреба е тендерот за велосипедската патека, кој е објавен по завршувањето на работата, а пред изборите. За ова веќе има и кривична постапка. Друг случај е што со договорите за телефонски услуги потпишани на 2 години со А1 и со кои се купувале повеќе од 20 скапи телефони во вредност од 1.000 евра, Самсунзи, Ајфони. Имаме 340 двегодишни договори со А1 кои не можеме да ги раскинеме затоа што ќе плаќаме пенали. И за ова секако веќе се води постапка – додава Касами.