Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко објави дека експлозиите се случиле во областа Шевченко, исто како и минатиот понеделник. Сите служби се движат кон таа локација, детали за подоцна.
Кличко предупреди дека воздушната закана продолжува и ги повика граѓаните да останат во засолништа.
Тој потоа додаде дека како резултат на нападот со дрон избувнал пожар во нестанбена зграда, додека неколку станбени згради биле оштетени. Засега нема информации за жртви.
Агенцијата Reuters објави дека нападот го извршиле беспилотни летала – камикази, повикувајќи се на соопштението на Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, кој на Telegram напиша: „Русите мислат дека тоа ќе им помогне“.
Три експлозии се слушнале помеѓу 6:35 и 6:58 часот по локално време. Сирените сигнализираа воздушен напад непосредно пред првата експлозија.
Објавена е мапа на моментални опасности од воздухот во Украина:
Минатиот понеделник, на 10 октомври, Русите силно го бомбардираа Киев и другите украински градови, при што загинаа 19 лица, а беа повредени 105, што предизвика меѓународна осуда. Еден ден подоцна, Русите продолжија со воздушните напади, но со помала жестокост, а нивна главна цел беа енергетските капацитети на западот на Украина.
Нападите беа извршени во знак на одмазда за експлозијата во која делумно беше оштетен мостот на Крим, стратешки многу важен за Русите.
Минатиот петок рускиот претседател Владимир Путин го изрази своето задоволство од воздушните напади и оцени дека вакви деструктивни напади врз украинските градови во моментов не се неопходни.