На домашниот пазар – кој е најголем во светот – тие се веќе на врвот по продажба. Сега сакаат пробив и во Германија. Дали кинеските производители на електрични автомобили можат да успеат?
За некои тоа би бил автомобил од соништата: 653 коњски сили, вртежен момент од 850 њутнметри, од нула до сто километри на час за 3,9 секунди, електричен погон на четири тркала, опсег од 500 до 700 километри во зависност од капацитетот на батериите и цена во основната верзија од 69.900 евра.
Станува збор за новиот, врвен седан ET7 од кинескиот производител на електрични автомобили Nio . Првите примероци треба да бидат испорачани во Европа овој октомври. Веќе може да се нарача SUV верзијата на EL7, која треба да почне да пристигнува во јануари, а подоцна се очекува и помал модел, ET5, кој во суштина е конкурент на моделот 3 од средната класа на Тесла.
Новина во Европа е и концептот на станици за замена на батерии, кои Nio ги лансира паралелно со продажбата. Ако не сакате да ја полните батеријата, можете да ја замените празната со полна. Потребни се само неколку минути. Засега во Германија има само една таква станица, во Баварија, на автопатот А8, но до крајот на годината би требало да има уште 19, а потоа во текот на 2023 година уште 100.