Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, ја откажа утрешната посета на Белград откога Македонија, Црна Гора и Бугарија го забранија неговиот лет. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека посетата се откажува.
Реакцијата на Москва и Белград за затворањето на воздушниот простор за Сергеј Лавров треба да биде заедничка и крајно остра, соопштија властите од Москва.
Официјално, се очекува за тоа да разговара и рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан Харченко, со кој денеска разговара претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а кој вечерва ќе им се обрати на граѓаните.
„Денешниот демарш, се разбира, не е поврзан со авионот. Тој е насочен против Русија како држава и против Србија како држава. Реакцијата, се надевам, ќе биде заедничка и крајно остра во формат не само дипломатски протест, но и конкретни, практични одговори“, изјави заменик-претседателот на Советот на Федерацијата Русија, Константин Косачев.
Според него, сегашното колективно одбивање на Бугарија, Црна Гора и Северна Македонија да го пуштат авионот на Лавров во Србија, без сомнение, не е одлука на овие три земји.
„Со влезот во НАТО, сите три земји сериозно и долго време го загубија својот суверенитет, а Европската унија за нив е само параван во овие срамни околности. Ова е демарш на НАТО, а без САД немаше да постои“, рече тој.
Според него, НАТО со такво директно мешање во билатералните работи на две суверени европски земји, кои не се членки на алијансата, Русија и Србија, се обидува да го зароби и потчини остатокот од Европа.