Политичката коректност и пристојна комуникација меѓу пратениците е одамна изгубена во нашето Собрание. Наместо аргументирана дебата, факти, говорницата се користи за меѓусебни навреди и обвинувања.
Лични навреди и дискредитации, јавно читање на доверливи психијатриски извештаи, обвинувања за лаги и манипулации. Вчерашното ниво на комуникација во собраниската сала е уште еден од низата примери како изгледа една седница со пратенички прашања во македонското Собрание.
Политичката нетрпеливост и отсуството на дијалог меѓу пратениците од власта и опозицијата не ретко преминува и во говор на омраза.
Па така пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков упати навреди и обвинувања кон првиот вицепремиер Артан Груби.
„На една од претходните седници на пратенички прашања, беше кажано дека братот на Артан Груби купува деловен објектна улица Македонија по цени багателни, како оние од времето на транзицијата. Во едно интервју на една национална телевизија Артан Груби, оној кој е потпишува како прв вицепремиер негираше дека воопшто имало средства префрлени од министерството со кое тој раководи, ама еве ги документите укажуваат на нешто друго“ рече Лефков.
Груби му порача на Лефков дека ќе се видат на суд.
Исто така пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки побара разрешување на министерката за обрана Славјанка Петровска откако претходно читаше извештај од психијатриско вештачење на Петровска и кажа дека секој ден пиела седативи.
„На министерката за одбрана согласно извештајот од специјалист психијатар цитирам „и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација и проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите напори што претходно ги извршувала“. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции на министерката и е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи“, рече Ковачки од собраниската говорница.
Петровска изјави дека извештајот е одраз на тоа како таа се чувствува поради како што рече, претходно изнесените лаги од Ковачки.
„Психички сум и здрава и стабилна да одговорам на сите лаги кои пратеникот упорно и упорно ги изнесува. За тоа што пишува во тоа вештачење и што го предизвикало таквото мое однесување, се разбира ќе се видиме во суд. Исто како што кажав пред неколку месеци од оваа говорница дека за вашата лага ќе се видиме на суд, да ќе се видиме наскоро“, му одговори Петровска на Ковачки.
Во интервју за Радио Слободна Европа професорката од Правниот факултет Ана Павловска-Данева вели дека на граѓаните им се потребни свежи идеи и конкретни мерки за подобар живот, а не лични пресметки.
„Не само што не е етичко, ваквото однесување е дегутантно да се слуша, независно од тоа дали сте поддржувач или не, на конкретната личност за којашто се зборува. Од правен аспект недозволиво е да се изнесуваат здравствени податоци за кое било лице бидејќи тоа според Законот за лични податоци се смета за заштитен податок на секој граѓанин. Во овој случај пратеникот не може да одговара, бидејќи тој ја „злоупотреби“ собраниската говорница бидејќи за даден став на таа говорница пратениците уживаат имунитети затоа, наместо тоа да го каже на прес конференција тој ја искористи пратеничката говорница“, вели професорката Павловска-Данева.
/деск.мк/