Полициски службеници на СВР Tетово денеска (7 март) од 5 часот и 30 минути до 10 часот, на тетовско-гостиварското подрачје спровеле акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на ученици, а во која вкупно биле откриени и санкционирани 10 прекршоци.
„Двајца возачи (ГВ) ги управувале возилата без лекарски уверенија, кај едно возило (ГВ) бил констатиран претовар, едно (ГВ) ја немало потребната опрема, додека еден возач (ГВ) управувал без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа, а пет возачи биле санкционирани поради други видови сообраќајни прекршоци. При контролата, две возила веднаш биле исклучени од сообраќај, додека на сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.“, соопшти СВР.
Ваква акциска контрола била спроведена и на четврти овој месец од 12 до 16 часот, при што биле санкционирани вкупно 13 прекршоци (Тетово-2 и Гостивар-11), најмногу претовар на патници. Три возила исклучени се од сообраќај, а времено била одземена и една сообраќајна дозвола.
Контролни активности од овој вид и карактер планирани се и во наредниот период, со цел да се придонесе за поголема безбедност на учениците кои користат јавен превоз до нивните училишта и домови, наведува полицијата.