Лидерите на земјите-членки на групата Г-7 се согласија да формираат „климатски клуб“ до крајот на годината, по предлогот на германскиот канцелар Олаф Шолц, јави германската новинска агенција ДПА.
„Лидерите на Велика Британија, на Канада, на Франција, на Германија, на Италија, на Јапонија и на САД ги поддржуваат целите на отворен и кооперативен меѓународен климатски клуб и ќе работат со партнерите за негово формирање до крајот на 2022 година“, се наведува во заедничката изјава од Самитот на Г-7.
Во декларацијата, исто така, се наведува дека Г-7 се обврзува на високо декарбонизиран транспортен сектор до 2030 година, целосно или доминантно декарбонизиран енергетски сектор до 2035 година, додека како приоритет се наведени и конкретни и навремени чекори за постепеното укинување на производството на јаглен.