„Македонскиот јазик е ваш јазик и Европската Унија го почитува тоа. Можете да сметате на мене дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни права”, рече Мишел и нагласи дека првата меѓувладина конференција би можела да се организира во следните неколку денови ако предлогот биде прифатен од македонска страна.
На новинарското прашање упатено до премиерот за најавите за формирање на работни групи од партиите кои ќе треба во Собранието да донесат заклучоци, како што изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Ковачевски рече дека откако ќе биде завршен консултативниот процес сите документи поврзани со европскиот предлог ќебидат доставени до Собранието.
„Откако ќе заврши консултативниот процес и ќе биде претставен протоколот со Бугарија, сите документи ќе бидат испратени во парламентот, каде се застапени сите партии кои ќе имаат состаноци за заклучоците во врска со европскиот предлог. Сметам дека и Мишел беше јасен дека имаме предлог кој овозможува започнување на преговорите со ЕУ: На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука за почеток на преговорите, која ќе биде доставена до Собранието. Со Мицкоски имавме јавна средба, како и со лидерите Биљал Касами и Зијадин Села. А, нагласувам, европскиот предлог е предлог на 27 земји членки’, рече Ковачевски.
На прашањето дали тој и Владата ги имаат предвид граѓаните кои протестираат и кои не се задовлни со францускиот предлог, премиерот рече дека земјава е демократска и дека во рамки на законите секој може да го изрази своето незадоволство.
„Но, кога се протестира во рамки на законот. Вчера имавме четворица повредени полицајци. За денеска имаме најава од МВР дека се подготвува нешто што не ѝ долукува на демократска земја“, рече Ковачевски.
Тој малку подоцна за време на прес-конференцијата повторно се наврати на протестите пред Владата и беше поостар во оценките:
„Тоа што се случува пред Владата е организирано од партии кои јасно се декларираа против НАТО и ЕУ. Македонија има најуредено законодавство за правата на граѓаните. Секој може да протестира, и јас имам протестирано во други прилики. Но никогаш не се случило, освен еднаш, сега вторпат, да протестираат луѓе со качунки на главите, кои маваат по полицијата, гледате дека имаме повредени полицајци. Недозволиво е за држава членка на НАТО и аспирант за ЕУ да ѝ се повтори 27 април“.
Ковачевски додаде дека документите сега се објавени и на македонски јазик, на што малку се почекало, како што објасни, заради специфичноста на преводот и потребата од прецизност и проверка на преводот во ЕУ и нагласи дека на нашата земја е да покаже дали ќе направиме исчекор кон идно членство.
Претседателот на Европскиот совет беше прашан дали уважувањето на бугарските барања во однос на Македонија и условувањето со билатерални прашања од областа и на историјата и на јазикот не претставува преседан со кој ќе се соочат и други и идни земји кандидати за членство во ЕУ.
„Моето гостување овде е израз на почит кон граѓаните на Северна Македонија кои изгубија многу време заради несогласност во ЕУ, но сега донесовме транспарентен предлог. Ако има позитивна одлука од македонските власти, тогаш се оди на меѓувладина конференција, на скрининг процес и уставни измени и потоа низ поглавја до члество. Ваш е изборот, на вашите граѓани и тоа може да значи фундаментален избор во полза на граѓаните и нивната иднина. Русија со војната во Украина покажа што значи недемократска земја. Имаме јасна иднина за вашата земја, јасен процес кој можеме да го забрзаме и да ги зајакнеме врските со луѓето. Европскиот континент ќе биде побезбеден со Западниот Балкан.
На новинарското потпрашање зошто ЕУ застана зад примитивните барања на Бугарија, меѓу кои е и фактот дека не го признава македонскиот јазик, додека во дел од земјите во ЕУ има и истородна рамноправност, Мишел рече дека со сета почит дошол во земјава за да ги слушне овдешните ставови и да изнесе свои поенти, но дека споредбата изразена низ прашањето не му е сосема јасна.
„Јас секогаш ги бранам легитимните права на Македонците преку Европскиот совет. Сакаме да играме конструктивна улога и ги споделуваме европските вредности. Сигурен сум дека ќе успееме“, рече Мишел.
На повтореното дообјаснувачко новинарско прашање зошто на Македонија ѝ се понуди предлог кој е преседан и дали постои начин Бугарија да се спречи да не ја блокира Македонија врз основа на билатерални теми, Мишел одговори.
„Не е тајна дека добрососедските односи се дел од пристапниот процес на Западен Балкан. Денеска е добра прилика со Владата да разговараме за овие битни теми. Јасно е дека во преговарачката рамкатреба да се земат предвид кластерите. Јас ќе направам сѐ што можам некој да не го расипе процесот со нелегитимни теми. Принципите и вредностите на ЕУ сакаме да ги споделиме со вас. Вашата земја е идеален пример на мултиетничка земја. Можете да сметате на мене и на иституциите на ЕУ дека овој процес ќе напредува“.
На прашањето дали ќе се растури владејачката коалицијата ако некои од помалите партии одбијат да го прифатат францускиот предлог, премиерот Ковачевски одговори дека владината коалиција е стабилна и дека тоа се потврдило со денешната седница на Владата.
На забелешката дека не била најавена посетата на Мишел, Ковачевски рече дека тој самиот изразил елба да ја посети нашата земја за да се виде со него, со претседателот, со претставници на партиите. Тој и потврди дека немало разговор за предлогот на ЕУ на владината седница, но со својата наредна изјава премиерот сакаше да поентира па рече:
„Овој предлог е на ЕУ до Северна Македонија за отпочнување на преговори за членство. По завршувањето на целиот процес сите ќе бидеме граѓани на ЕУ. Одлуката за отпочнување или неотпочнување на преговорите е на институциите. Граѓаните се претставени преку пратениците, кои носат одлуки и заклучоци и даваат задолженија на Владата. Не се работи за тоа дали Мишел или јас ќе убедиме некого, туку пратениците ќе ја донесат одлуката“.