Ве известуваме дека е отпочната постапка за екстрадиција на хрватскиот државјанин Даниел Иванагиќ од Словенија.Добиено е известување од ИНТЕРПОЛ Скопје дека Иванагиќ е лишен од слобода во Словенија врз основа на распишана меѓународна потерница од надлежните правосудни институции.
Барањето за екстрадиција е доставено до Министерството за правда на Словенија согласно роковите утврдени со Законот за меѓународна соработка во кривична материја и Европската конвенција за екстрадиција, поради основано соменние за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, информира Министерството за правда.
Хрватот Даниел Иванагиќ, управител на консултантското друштво „Интерхолдинг“, по кого беше распишана меѓународна потерница бил уапсен вчера на граничен премин при обид за влез во Словенија.
Тој и основачот на „Интерхолдинг“, Денис Фудуруќ, по кого сè уште се трага, се осомничени во случајот на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири кој од нив, според македонското Обвинителство за гонење на организиран криминал и корпуција, нарачал изработка физибилити студија за реструктурирање на „Македонска пошта“.
Зеќири, според Обвинителството, ги исплатил парите, без „Интерхолдинг“ да мине на тендер, но поранешниот генерален секретар на Владата негира дека има злоупотреба на службената положба во случајот за кој се товари.