Учебната година мора да има 180 наставни денови, ќе почне на 1 септември, ќе заврши на 17 јуни, а за првпат учениците ќе имаат и пролетен распуст. Ова се предлозите на Министерството за образование и наука усвоени на денешната владина седница.
Во изјава за Мета.мк министерот за образование Јетон Шаќири вели дека пролетниот распуст е за сите, односно и за наставниците и за останатите вработени, кои нема да одат на работа во тие седум дена.
„Пролетниот распуст ќе трае од 29 април до 5 мај. Со ова, ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави. Инаку, учебната година почнува на 1 септември. Првото полугодие ќе трае до 30 декември. Второто полугодие, пак, почнува на 22 јануари и учебната година завршува на 17 јуни“, изјави Шаќири по денешната владина седница на која бил изгласан предлогот.
Министерот веќе остварил средби со претставници на средношколците и на синдикатите, кои исто така изразија согласување за пролетен распуст и поместување на календарот за учебната година.