На предлог на ТМРО, 16-кракото сонце стана знаме на Лозово, а „за“ гласаа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Со седум гласа „за“ и два против вчера советниците на Општина Лозово гласаа за тоа 16-кракото жолто сонце со десет сини цвета во внатрешниот дел на црвена подлога да биде официјално знаме на општината. Предлогот го поднесе Зоран Иванов, советник на општината од ТМРО.
Против беа советниците ЛДП-ДОМ и независниот, велат од ТМРО.
„Тргнувајќи од историскиот факт дека Република Македонија 1991 е конституирана како матична држава на македонскиот народ, наша должност како Македонци е да го чуваме и негуваме македонскиот идентитет и обележјата на секаде, вклучително и општините. Очекуваме советниците да го изгласаат македонското 16-крако сонце за знаме на Општината или во спротивно со референдум тоа ќе го направат жителите“, пишуваше во предлогот на ТМРО.
Очекуваме и останатите совети на општините да донесат исти одлуки и македонските општини да го вратат македонскиот национален симбол, вели Ванчо Шехтански, претседател на ТМРО.