Советот на СОНК денеска на седница ќе одлучува за предлогот на владата за зголемување на платите од 10 проценти со цел да биде прекинат штрајкот во образованието. Истовремено и Владата формира работна група која треба да почне преговори за нов колективен договор, но и за методологија која ќе обезбеди континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во меѓувреме, пак, дел од просветните работници кои се во пензија реагираа до редакцијата на Фактор во однос на еден надоместок, за кој велат дека им следува од СОНК, но не го добиваат. Велат дека на СОНК не му одговара 10 проценти зголемување на платите, а од друга страна пак, не се грижи за оние кои се веќе во пензија. Имено, како што појаснуваат, со заминувањето во пензија, одреден надоместок од СОНК, во висина од 3.000-4.000 денари, кој според правилникот на синдикатот треба да го добиваат, тие не го земаат.
За ова прашање, Фактор разговараше со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој вели дека тоа не е точно, односно дека овие парични средства не им следуваат на сите членови на СОНК.
-Освен чланарината која изнесува 0,6 проценти од платата, постои и Доброволен фонд на СОНК за кој дел од членовите месечно издвојуваат 0,4 проценти од платата. Значи ако некој наставник зема 25.000 денари нето плата, доколку сака да плаќа во доброволниот Фонд, треба да издвојува месечно по 100 денари. Дел од членството тоа го прави, според нашите проценки, 60 проценти од членството на СОНК, издвојува средства и за Доброволниот фонд, додека 40 проценти не го прават тоа. Според правилникот на СОНК, парите од доброволниот Фонд може да се користат по 10 основи, и секако им следува и на оние кои заминуваат во пензија. Право на користење немаат членовите кои не уплаќале за Доброволниот Фонд. Инаку, верувам дека сите се информирани за бенефициите од добровилниот фонд. Се даваат бескаматни кредити кои ги враќаат на 10 рати, помош без да се вратат парите при подолготрајно боледување, операции, пожар, поплави во домот. Знаат сите вработени во училиштата за ова, но често се случува кога имаат реална потреба, тогаш да бараат да бидат членови и во доброволниот фонд, посочува Неделков.
Во однос на проблемот пак, за кој веќе најостро реагираат и родителите, па и самите ученици, особено повозрасните, дека тие остварувајќи го нивното право на штрајк, најгрубо го кршат правото на образование на децата, Неделков вели:
-Како да ви кажам, некој измислил нешто кога би имало ваква ситуација. Ако ние сме виновници и го скратуваме правото на образование, во Законот за детска заштита и во Законот за основно и средно образование е посочено дека на местото на штрајкувачите може да вработат нови работници. Тоа е секако неприфатливо за нас, спротивно е на меѓународни конвенции, но еве постои. Нека си обезбедат и нека функционираат училиштата. Но, СОНК не е главниот виновник и иницијатор за ваквата состојба. Долг период беа игнорирани нашите барања, а беа предупредени дека ако влеземе во штрајк тешко дека ќе се излезе без постигнат договор, вели претседателот на СОНК.
Во врска со штрајкот, Владата ги задолжи МОН и МТСП да ги преземат сите чекори за наставата во училиштата да продолжи исто како и згрижувањето на децата во градинките согласно уставните права на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање настава во услови на штрајк.
Истовремено, Владата побара од двете министерства на штрајкувачите да им бидат исплатени само придонеси за времето поминато во штрајк, согласно закон. Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да ја продолжат наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.