Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров потврди дека Москва добила писмен одговор од САД на барањата за проширување на НАТО.
Американската страна го достави документот по неколкунеделни разговори во администрацијата на Бајден.
Лавров информираше дека , нема „позитивен одговор“ на темите за кои Кремљ е најзагрижен.
„Главното прашање е нашата јасна позиција за недозволивоста на натамошното ширење на НАТО на исток и распоредувањето на високо деструктивно оружје што може да ја загрози територијата на Руската Федерација“, објасни Лавров.
Документот што го вети американскиот државен секретар Ентони Блинкен по минатонеделните разговори во Швајцарија не успеа да ги реши дилемите на Русија.
„Важно е кога нашите западни колеги реагираат на нашите предлози, тие секогаш да повикуваат на примена на договорените принципи во евроатлантскиот контекст. Веднаш велат дека тоа значи дека НАТО има право да се шири и дека ниту една земја нема право да го забрани тоа“, рече Лавров.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вели дека Русија сега размислува да испрати свој одговор – а каков ќе биде ќе зависи од одлуката на претседателот Владимир Путин.
Барањата на руската страна не се целосно земени предвид од Вашингтон и од воениот блок предводен од САД, предупреди Песков.
„Изгледите за понатамошен дијалог постојат и секогаш треба да постојат. Тоа е во наш интерес и во интерес на Американците. Но, што се однесува до суштинскиот дијалог за нацрт-документите, има прашања од друга природа, , додаде Песков.
Москва бараше НАТО да се обврзе да не се шири во Украина и другите поранешни советски републики и да не распоредува оружје на тие територии. Исто така, Москва побара алијансата да се врати на границите од 1979 година.
На прашањето што значи тоа за Бугарија и Романија, кои се приклучија на НАТО по 1997 година, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција на 21 јануари рече дека Русија бара целата странска опрема и војници да се повлечат од тие земји.