Министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисија „200“ на ТВ Алсат вечерва дека и Северна Македонија ќе биде дел од санкциите на ЕУ против Русија. Тој нагласи дека од овој конфликт требало да се стравува уште пред две години, откако не бевме дел од НАТО.
Шефот на дипломатијата нагласи и дека во случај на конфликт во Европа, ќе имаме импликации во однос на гасот и нафтата и поскапување на цените.
„Руско-украинскиот конфликт ќе влијае на импликацијата на гасот и нафтата и во Европа ќе има зголемување на цените. Исто така, сакам да додадам дека ние како држава сме дел од санкциите на ЕУ кон Русија и 100% сме во хармонизација со Европската Унија“.
ЕУ денеска попладне едногласно донесе одлука за санкции против Русија по вчерашната одлука на официјална Москва да ја признае независноста на двата сепаратистички региона во источна Украина, Донецк и Луганск.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел на прес-конференција денеска рече дека санкциите на ЕУ ќе бидат насочени против 27 лица и субјекти. Тој ги спомена руските пратеници кои поддржаа признавање на сепаратистичките региони, како и банки кои ги финансираат носителите на клучните одлуки и нивните операции во Донбас.
Санкции претходно објави и Велика Британија, како и Германија која посочи дека го стопира гасоводот „Северен ток 2“.
Вечерва се огласи и американскиот претседател Џо Бајден кој најави санкции за двете најголеми руски финансиски институции – ВЕБ и Руската воена банка. Покрај тоа, тој најави санкции за руската елита и членови на нивните семејства, како и дека „делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи“.