PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 1180x200

Пандемијата во земјава дава знаци на стивнување, сметаат надлежните, активни 17.182 случаи

Jan 29, 2022

Дополнителни рестриктивни мерки засега нема, а доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, ќе бидат преземени мерки, најави вчера министерот за здравство Беким Сали.

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 300x250

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје во државава има 17.182 активни ковид случаи од кои најголем број 8.755 се во Скопје. При направени 5.834 тестови регистрирани се 1.908 нови случаи со Ковид-19, 22 починати и 1.129 оздравени пациенти.

– Нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки до следниот состанок на Комисијата за заразни болести, бидејќи во последните два дена има намалување на бројот на новозаболени. Според податоците на Институтот за јавно здравје што на дневна основа ги добиваме пандемијата во земјава дава знаци на стивнување и секој ден има намалување на бројот на новоинфицирани и на хоспитализирани. Се е под контрола. До следниот состанок на Комисијата за заразни болести нема да има потреба од нова мерка, но се надевам дека и граѓаните ќе бидат претпазливи и вакцинацијата ќе расте, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања.

Во моментот, како што истакна тој, нема потреба и од отворање на модуларните болници. Вчера е отворен ковид-центарот на Клиниката за неврологија, а од завчера функционира и ковид-центарот на Клиниката за кожни болести.

– На ниво на држава се трудиме пациентите да бидат згрижени на ниво на болниците. Од минатата недела се преземени мерки да се зголеми бројот на кревети што значи отворање на капацитетите кои претходно беа ковид центри. Од модуларните болници засега нема потреба, рече Сали.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во моментот во земјава во 90 проценти е присутен сојот „омикрон“, а во 10 проценти „делта“ сојот.

Боледувањето на оние пациенти кои ќе имаат симптоми и по седмиот ден ќе го регулираат матичните лекари, односно доколку имаат симтоматологија на вирусот, ќе им се продолжи боледувањето по автоматизам за уште три дена.

– Нашата служба „Мој термин“ ги извести сите матични лекари како да се евидентираат овие случаи. Епидемиолошки тие се водат од матичните лекари и на седмиот ден доколку имаат покачена температура или некоја друга симтоматологија, по автоматизам им се продолжува периодот на самоизолација до три дена. Матичниот лекар го регулира боледувањето, посочи Сали.

Во однос на тоа дали се размислува за намалување на трошоците за тестирање, министерот посочи дека е разговарано со сите чинители кои влијаат врз цената и оти очекува позитивен одговор од нив. Прашан за транспаретноста на Комисијата за заразни болести која неколку месеци нема одржано прес-конференција, Сали со став дека Комисијата секогаш била транспарентна и нејзините одлуки и се познати на јавноста.

Тој упати порака дека вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на здравјето на населението.

– Во нашата држава граѓаните имаат потреба од дополнителна акција, односно стимулирање на вакцинирањето затоа што не можеме да кажеме дека сме задоволни од сегашниот процент на вакцинирани за да пристапиме кон либерализација на заштитните мерки а од Ковид-19, истакна Сали по посетата на вакциналниот пункт на Економскиот факултет во Скопје, каде ја прими третата доза вакцина.

Прашан како ќе ја врати довербата кај граѓаните во вакцините, кога меѓу починатите има и вакцинирани и оти кај нас не се одвојуваат пациентите починати од Ковид-19 и оние со Ковид-19, министерот рече методологијата кај нас за разлика од околните држави има поинаков пристап и не треба да не збунува зошто кај нас има над 8 000 починати од Ковид-19, а во другите држави се помалку.

– Морам да напоменам дека во интерес на транспарентноста, уште од смиот почеток нашите институции сакаа да прикажат колку се починати од последици од Ковид-19. Факт е дека Ковидот самиот по себе е комплициран и е мултиоргански фактор за отежнување на состојбата на еден пациент, а нормално, може да биде и причините за смрт, рече Сали.

Во врска со второто полугодие во училиштата тој посочи дека ќе започне со физичко присуство бидејќи, епидемиолошката состојба го дозволува тоа, а Министерството за здравство ќе прави случаен скрининг меѓу учениците.

– Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент, затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки, рече Сали.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ вчера соопшти дека упатила барање до Владата и Комисијата за заразни болести со цел, како што наведуваат, да се преиспита одлуката за почнување на второто полугодие со физичко присуство на учениците.

– Цврсто веруваме дека оваа одлука треба да биде преиспитана во насока на започнување на полугодието со онлајн настава, најмалку за две седмици од февруари, а потоа да се одлучи повторно за евентуално продолжување одреден период, следејќи ја актуелната епидемиолошка состојба. Сметаме дека е добро Владата да размисли за брзо реагирање и обезбедување на сите основни и средни училишта со брзи тестови, така како што и голем дел држави веќе подолго време практикуваат. Веруваме дека и приватниот сектор (особено фармацевтскиот) би можел да излезе пресрет и да го заштити јавното или колективното здравје доколку им се обрати Владата. Искрено веруваме дека ќе ја донесете вистинската одлука што е во најдобриот интерес на децата, стои во барањето од „Меѓаши“.

Синдикатот за образование, наука и култура завчера побара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство. Сметаат дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.

За иницијативите на групи родители кои најавуваат дека ќе ги пуштат децата без маски на училиште, министерот Сали вели дека тоа се неофицијални иницијативи. Од Министерството апелираат на почитување на мерките како носење маски, држење соодветно растојание и честа дезинфеција.

Што се однесува до состојбата со Ковид-19 во регионот и во другите земји, се уште има зголемување на бројот на активни случаи и на починати.

Околу 150.000 случаи на Ковид-19 се активни во Грција, а во изминатите седум дена зголемен е бројот на починати, во просек по 100 дневно, јави дописничката на МИА од Атина.

Професорката Вана Папаевангелу која е и член на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција рече дека бројот на активни случаи не е дополнително намален во изминатата седмица и сè уште е околу 150.000, а за бројот на новозаразени, објасни дека во просек се 18.000 случаи дневно, додавајќи дека поради снежната бура и со оглед на тоа дека беа целосно во прекин работните и социјалните активности на граѓаните, во следните денови се очекува намалување на новите случаи.

Доколку се анализираат официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, се забележува зголемување на бројот на починати, а во периодот од 21 до 27 јануари, регистрирани е 701 смртен случај од Ковид-19, а завчера беше регистриран нов негативен рекорд за 2022 година со 115 починати за 24 часа.

Во однос на омикрон, професорката Папаевангелу рече дека „додека хоспитализациите поради омикрон се однесуваа на само 40 отсто од новите приеми во болница на почетокот на месецот, денес осум од десет пациенти примени во болница се со Омикрон“.

– Болеста предизвикана од варијантата Омикрон на коронавирусот не е обична настинка. И затоа некои наши сограѓани, особено невакцинираните повозрасни граѓани, тешко ќе се разболат и ќе треба да се лекуваат, но и ќе бидат во опасност, рече Папаевангелу.

Околу 5.000 лица во цела Грција се хоспитализирани поради Ковид-19, а исполнети се 85 отсто од креветите на одделите за интензивна нега во грчките болници.

Епидемиолошката состојба во Србија е загрижувачка, омикронот се шири, веќе две недели бројот на заразени е петцифрен, а се зголемува и бројот на починати, јави дописникот на МИА од Белград.

Во последните 24 часа според српското Министерството за здравство регистрирани се 17.284 случаи на инфекција со коронавирус од 34.778 тестирани примероци, а како последица на инфекцијата починале уште 42 лица. Во болниците има 3.397 пациенти, од кои 143 се на респиратор.

Болниците повторно се враќаат на ковид режимот, како што е КБЦ „Д-р Драгиша Мишовиќ“ кој повторно влезе во црвената зона.

Состојбата со пандемијата е загрижувачка, а бројот на пациенти кои се позитивни на Ковид е со влијание од мутациите и побрзото ширење на вирусот, изминатите празници и од зимските одмори, оцени пнеумофтизиологот од Градскиот институт за белодробни заболувања и туберкулоза во Белград, Катарина Мијатовиќ.

– Лекувањето со антибиотици на своја рака е појава која го отежнува лекувањето на ковид позитивните пациенти, изјави д-р Мијатовиќ, бидејќи со тоа може да се „маскира“ клиничката слика, а некои симптоми може привремено да станат „невидливи“. Покрај тоа, вирусните инфекции не се лечат со антибиотици, порача д-р Мијатовиќ.

Училишниот тим од Кризниот штаб денеска одлучи од понеделник, 31 јануари, учениците од прво до четврто одделение во основните училишта директно да ја следат наставата, додека учениците од петто до осмо одделение воспитно-образовната работа да ја следат по комбиниран модел и да одат на училиште ден по ден, поделени во две групи. И за средношколците одлучено е наставата да се одвива по комбиниран модел.

На крајот на оваа недела во Франција е забележан нов рекорд на затворени паралелки. Министерството за образование соопшти дека се затворени 21.049 паралелки, јави дописникот на МИА од Париз.

Тоа претставува 3,99 отсто од 527.200 паралелки во земјата. Ова е нов рекорд, кој значително го надминува претходниот, забележан на 20 јануари (18.786). Оваа бројка ги вклучува паралелките кои се затворени поради случаи на Ковид-19 и оние кои се затворени поради незаменети отсуства на наставници. Од друга страна, се намалува бројот на затворени училишта. Министерството соопшти за 102, наспроти 152 минатата недела. До петто одделение се затворени 97 училишта.

Во однос на бројот на позитивни случаи, во периодот од 20 до 27 јануари, 572.072 ученици биле позитивни во споредба со 463.197 помеѓу 14 и 20 јануари. Во однос на персоналот за една недела се регистрирани 35.558 случаи (30.774 претходната недела). Овие бројки растат од почетокот на јануари. На 6 јануари, на пример, Министерството забележа 47.453 случаи на контаминација пријавени меѓу учениците и 5.631 случај кај персоналот во текот на првите четири дена од почетокот на учебната година.

Постарите ученици во Полска се враќаат на учење од далечина откако земјата објави рекорден пораст на случаи на новозаразени со коронавирус, втор ден по ред.

Во изминатите 24 часа бројот на заболени е зголемен за 57.659, соопшти Министерството за здравство. Во истиот период во Полска, која има 38 милиони жители, починале 262 лица.

Министерството за образование им наложи на учениците од петто одделение и погорните класови да останат дома. Првично предвиденото времетраење на мерката е еден месец.

Полските власти, исто така, почнаа да обезбедуваат бесплатни тестови за коронавирус. Досега има 64 аптеки низ државата во кои граѓаните можат да ги искористат, изјави министерот за здравство Адам Неџелски; има и други објекти кои во моментов аплицираат за дозвола за извршување на такви активности.

Финска ќе почне постепено да ги ублажува ограничувањата наметнати поради Ковид-19 веќе на 1 февруари наместо во средината на февруари, како што беше првично планирано, во услови на забележано растоварување на болничкиот систем, соопшти Владата.

Бројот на потврдени случаи на инфекција со коронавирус во светот надмина 360 милиони, а бројот на починати – 5,62 милиони, соопшти Светската здравствена организација. Според податоците што ги објави досега се регистрирани 360.578.392 заразени и 5.620.865 починати.

Во изминатите 24 часа бројот на заболени е зголемен за 3.395.352, а на починати за 10.176. Рекорден за целиот период на пандемијата Ковид-19 е регистриран на 26 јануари, кога за 24 часа се идентификувани 3.962.990 нови инфекции. Статистиката на СЗО ги зема предвид само официјално потврдените информации за заразени и починати лица обезбедени од земјите.

САД имаат најголем број потврдени случаи – 71.812.665, потоа Индија (40.371.500), Бразил (24.311.317), Франција (17.252.793) и Велика Британија (16.149.323). САД соопштија за најголем број смртни случаи – 866.039, следат Бразил (623.843) и Индија (491.700), Русија (328.770) и Мексико (303.776).

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 940x400

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ