-Да се каже дека отстранувањето на „20-те проценти“ ќе ја отвори „Пандорината кутија“, дури и алудирајќи дека може да ја доведат земјата во криза како онаа во 2001 година, е аргументација без визија! Ова е или непознавање на историјата, или непознавање на причинско-последични фактори кои предизвикуваат кризи. Бидејќи кризата во 2001 година беше реузултат на уставот од 1991 година беше чекор назад во однос на уставот од 1974 година, каде што патем кажано, се споменуваа Албанците …
“Има работи кои времето ги надминало и тие го губат своето значење. Таков е случајот со уставната категорија „20 проценти“, што го регулира статусот на Албанците и нивниот јазик. Затоа што, од една страна, тоа е како да се игра „криенка“, иако знаеме дека во оваа категорија спаѓаат Албанците и нивниот јазик, а второ, бидејќи како што видовме со пописот, некои кругови останаа со прсти в уста, затоа што очекуваа намалување на Албанците под 20 отсто, со што ќе се преиспиташе сето она што го добиле преку тој статус.“, пишува меѓу другото порталот на алабнски јазик, индекс.мк, додавајќи дека битката околу оваа цифра ги тера на лицитирање тенденциите на меѓуетничка кохезија од една страна и оние на некохезивен етноцентризам од друга страна.
Порталот наведува дека повеќе од една година има позитивен тренд на размислување од македонските субјекти, вклучително и СДСМ и ВМРО, со подготвеност да се отстрани категоријата „20 проценти“ за да не влијае на гарантираните и досега постигнати права. Ваквата подготвеност пред неколку дена ја поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
И во сета оваа поповолна клима, која мислиме дека е израз на реализам, се појавуваат одредени луѓе кои ја заплашуваат јавноста дека отворањето на прашањето за уставните измени е како отворање на „Пандорината кутија“, дури и алудирајќи дека тоа може да ја доведе земјата во криза како онаа од 2001 година!
“Ова е или непознавање на историјата, или на причинско-последични фактори во создавањето кризи. Зошто? Затоа што, спомнувањето на кризата од 2001 како аргумент не држи, бидејќи таа криза не беше предизвикана затоа што Албанците беа спомнувани во уставот, туку спротивното: дека Уставот од 1991 година беше чекор назад во однос на уставот од 1974 година. Албанците имаа мошне високи гаранции на полето на колективните и културните права, кои под притисок на идеополитичките диференцијации претрпеа ерозија со амандманите 48 и 56 (во 1988 година) и кои практично беа озаконети во плурализмот“!, пишува во редакцискиот коментар.
Порталот индекс.мк наведува дека еден од главните политички актери од 90-тите, но и подоцна, Стојан Андов, по три децении призна дека грешката била во немањето слух за барањата на Албанците, и дека тоа е причина за кризата во 2001 година. Дури и албанските партии постојано го посочуваа прашањето на мајоризација на мнозинската етничка заедница преку парламентот, со што не можеа да ги остварат правата во областа на високото образование (постојана опструкција на Универзитетот во Тетово, ниското ниво на употреба на албанскиот јазик во јавниот сектор . ..). Ова најдобро го дефинираше како теза покојниот Арбен Џафери, нарекувајќи го уставот „генератор на кризата“.
„Затоа, сметаме дека не e страшно да се прават уставни измени, бидејќи често се правеле во овие 7-8 децении постоење како држава и дека секое решение со кое се унапредиле или јасно се дефинирале одредени прашања, имало позитивен ефект. Малкумина од оние кои создаваат фобија од промени застануваат трезвено да анализираат колку позитивно влијаеле на социјалната кохезија затворањето на некои отворени прашања, како образованието или употребата на албанскиот јазик“, се вели во написот.
Замената на категоријата „20 проценти“ може да ја врати категоризацијата која всушност некогаш и постоеше, но која е отстранета, подвлекува порталот, додавајќи дека и внесувањето на Бугарите во уставот, што е уште еден дополнителен страв, не може да ја ништи државата. На последниот попис имаше околу 3.500 декларирани Бугари, многу помалку од Ромите, Бошњаците, Србите и Власите кои се споменати во Уставот, така што оваа бројка не може да ја дестабилизира државата.
Затоа, им се извинуваме на читателите, но навистина аргументите со кои јавноста се плаши дека нешто ќе се случи со отстранувањето на 20-те проценти се токму во тој стил,“петпарачки аргументи“, заклучува порталот.