По две одложувања заради истекот на мандатот на обвинителката во предметот Ивана Трајчева денеска во Кривичниот суд почна судењето на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и уште шестмина обвинети за незаконска набавка на софтвери. Наместо Трајчева, предметотот го превзема нејзината шефица Вилма Русковска, која рече дека ќе докажат дека системот на Рашковски не бил за граѓаните, туку за негово лично богатење.
Ниту ексгенералниот секретар, ниту некој од останатите шест обвинети рекоа дека се чувствуваат виновни за набавката на софтверите, кабините, камерите, како и земањето на хонорари од Владата без извршување на работни задачи. Дел од нив не разбираа ниту за што се обвинети, дел, не го разбираа правниот дел од обвинението.
-Ги разбирам зборовите во целост, семантички, правно – не. Апсолутно немам вина, рече прв Рашковски.
Адвокатот Владимир Доневски кој го застапува Драги Рашковски кажа дека ќе докажат дека системот за мерење на брзина на возилата е имплементиран, а со тоа биле реализирани и обврските на фирмите.
-Ќе го дискредитираме вештачењето“, кажа Доневски, бидејќи не било направено согласно упатството и други важни параметри и додаде:
-Рашковски овозможил на сите економски оператори обезбедил да учествуваат во фер и правична постапка“, додаде адвокатот бидејќи Рашковски е обвинет дека ги наместил двата тендери преку кои се купувале софтверите, кабините, камерите. Тврдењата дека обвинетиот ја злоупотребил службената положба за преку авторските договори да прибави корист, ќе ги дискредитираме заедно со доказите кои ги понудил јавниот обвинител, рече адвокатот.
Рашковски, пак, бара реконструкција на целиот случај, односно, тоа е дали софтверот работи, дали кабините ги има на лице место, дали се функционални.
Според него, обвинителниот акт е „паметна будала“, бидејќи пишува дека давал насоки и извршувал, а не може двете нешта да се прават одеднаш.
-Обвинителката ме инспирираше со теориите, па да кажам и ја со теории. Теоријата на случај која Обвинителството ја кажа дека нема потреба за набавка – многу е опасна. Оној кој треба да утврди дали нештото е законски или незаконски, наспроти тоа постоењето на рационално трошење на средствата е Собранието, кое на крај ја усвојува завршната сметка. Во завршната сметка помеѓу останатите работи на Генералниот секретаријат, ги имате и овие набавки кој се предмет на денешното рочиште. Во таква ситуација, ќе ви стане јасно зошто ние бевме држени во притвор – многу е тешко да најдете црна мачка во темна просторија, а уште потешко е да ја најдете ако ја нема. Ние бевме држени во црнина, бидејќи полесно е да се убеди судот и јавноста дека криминалот постои и дека е извршен, а ние, заедно со Даниел бевме чувани за да не….. А ние ќе докажеме дека црна мачка не постои“, рече Рашковски.
Нему не му е јасно зошто и другите луѓе се обвинети. Тој не може да направи поврзување на сите луѓе: „Не сум барал помош за да извршам кривично дело, ниту сум извршил кривично дело“.
„И така натаму, ќе дојдеме до она што, не од аспект дека не загрижува од содржината на доказите, туку од аспект на тоа да види јавноста со каков непрофесионализам е направено собирањето на докази. Ќе го земам примерот со Маја Сиљановска, за која се вели дека ништо не работела. Тоа значи дека не треба да постои траг од нејзиното работење, еве јавноста нека проверат дали 400.000 корисници на купувамдомашно.мк се реални“, рече Рашковски правдајќи ги останатите.
Рашковски посочи дека ќе има интересно судење и рече: „Се надевам дека ќе успееме да ја докажеме нашата вина“.
„Барам од судот за секое судење да имаме пристап до телевизор или проектор, да имаме табла за да пишуваме и би сакал од вас една дозвола, бидејќи студентите тоа ќе го бараат, при изведување на доказите, да дозволите присуство на студенти на судење, бидејќи тоа го предавам и на факултет“, кажа Рашковски.