– Многу од делата можеби се исполнети со клишеа, но дел од нив навлегуваат и во суштината на животот, филозофија, свеста на еден народ што е распространет низ целиот свет, и покрај промените што ги донесе времето, зачува дел на егзотичната слика, што доминирало во погледот на другите кон Ромите.
Скопје, 8 април – Меѓународниот ден на Ромите е добар повод да се спомени фактот дека животот на Ромите бил и останува неисцрпна инспирација за многу уметнички дела. Номадскиот живот, митското и егзотичното, социјалните проблеми, трајното потчинување, дискриминацијата, предрасудите…, се реални работи поврзани со животот на , можеби најраспростанетиот народ во светот.
Малкумина од нашата публика знаат дека еден од најпознатите комичари на светската кинематографија, Чарли Чаплин, има ромско потекло. Го сметаат за најголемиот филмски комичар на 20 век и се претпоставува дека неговиот лик кој сите го паметиме, симпатичен скитник со мустаќи и стапче, кој постојано бара момент на среќа во животот, е инспириран токму од животот на ромските скитници во тешките социјални и економски времиња во Англија или Америка.
Најпознатата кинематографија во светот, Холивуд, има безброј филмови за животот на Ромите, но не постои ниту друга кинематографија каде што нема да има некој впечатлив филм со иста тема. Еден од таквите филмови е „Циганите летаат на небо “ (со овој наслов се прикажуваше во кината на поранешна Југославија, но англискиот наслов беше „ Queen of the Gypsies “), советски филм за фатална љубов на скитничка черга, базиран на приказна на советскиот писател Максим Горки.
Во модерното време се роди феноменот на ТВ сериите наречени теленовели, високопрофитабилна продукција на шоубизнисот, а меѓу најгледаните, па дури и кои дадоа поттик за развојот на овој нов телевизиски жанр, се сериите како „Касандра“ или „Есмералда“, каде што се раскажува за животот на Ромите или ромските ликови беа стожерот на приказната.
Кога станува збор за уметничкиот аспект, треба да се напомене дека во кинематографијата на поранешната заедничка држава СФРЈ, еден од најдобрите филмови, а критиката долго време го сметаше за најдобар филм на сите времиња во Југославија, „Собирачи на пердуви“, се занимава со животот на Ромите од Војводина. Овој филм е реализиран од познатиот режисер Александар Саша Петровиќ, за кој се претпоставува дека е Ром, а блескавата улога на Бели Бора му ги отвори вратите на светската кинематографија на албанскиот актер Беким Фехмиу. Може да се каже дека улогата на Ромот Бели Бора и на Одисеј се двете најдобри улоги на овој актер.
Во таа кинематографија, Ромите често беа присутни како ликови во многу филмови, често преку клишеата на музичките бендови (зурлаџии тапанџии или „хармоникаши“), но одвреме-навреме сепак се раѓаше добар филм. Меѓу нив, е и „Дом за бесење “(1988) на босанскиот режисер кој подоцна се преобрати во Србин (заборавајќи ги српските масакри во Босна, но ова е друга тема), Емир Кустурица. Овој филм кој се занимава со современи феномени (криминал, раслојување на семејството…), е снимен во населбите Шуто Оризари и Чаир. Филмот беше доста успешен во земјата и во светот. Во него играа и многу обични граѓани како актери натуршчици од населба Шутка. Авторот на музиката, познатиот фронтмен на Бјело дугме, Горан Бреговиќ, во понатамошната творечка работа, ромскиот мелос ќе му стане вечна инспирација.
Инспирацијата од животот на Ромите ја нашол и македонскиот режисер Столе Попов, кој со своите уметнички почетоци, со документарниот филм „Дае“ (1979) кој освои повеќе меѓународни награди. Подоцна ќе го реализира филмот „Џипси маџик“ (Gipsy magic ) (1997), кој ќе ја постави приказната во времето на независноста на Македонија и борбите на едно ромско семејство да се најде во новата реалност, каде што се испреплетуваат тешкиот социјален живот, сонот за националното величие на потеклото (ликот кој го игра Мики Манојловиќ цело време сонува да ја види Индија), врската со војник на UNPROFOR по потекло од Индија …
Многу од делата можеби се исполнети со клишеа, но некои од нив навлегуваат и во суштината на животот, животната филозофија, свеста на еден народ што е распространет низ целиот свет и покрај промените што ги донесе времето, зачува дел на егзотичната слика, што доминирало во погледот на другите кон Ромите./Билд.мк