Исто како за здруженијата, и за политичките партии да важат одредбите против ширење на фашизам, нацизнам, национал-социјализам и третиот рајх- ова го предлага владејачката СДСМ преку предлог за измена на Законот за политички партии по скратена постапка, со потпис на координаторот Јован Митрески. Законот е експресно ставен на денешната собраниска седница, а во него пишува дека целта е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот,нацизмот и нациоанал-социјализмот. Имено со предлог законот ќе се овозможи поголема транспарентност како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава. – пишува во предлогот на СДСМ.
Образложение пред пратениците зошто е потребен ваков закон се уште нема, а во меѓувреме од власта тврдат дека ќе дадат поддршка на законот на ВМРО-ДПМНЕ за здруженијата.
Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи истите одредби покрај здруженијата да важат и за политичките партии, одговор од партијата засега нема, но ја поздравија поддршката за нивниот предлог.
Ако Собранието го изгласа предлог – законот за здруженија, ќе треба да се преименуваат отворените клубови како што се „Цар Борис III“ и „Ванчо Михајлов“. Токму за здружението во Битола Комисијата за спречување и заштита од дискриминација констатираше дека Македонците се тешко дискриминирани во сопствената држава на национална и етничка основа, но Министерството за правда се огради од случајот со образложение дека тие не даваат дозвола за регистрација.