Најмалку две лица загинаа, а десетици се повредени по вчерашното торнадо во главниот град на Арканзас, Литл Рок и околината. Уште едно лице загина кога се урна покрив на театар во Белвидер, Илиноис, за време на друго торнадо во кое беа повредени 28 лица. Покривот се урнал додека во театарот се одржувал хеви метал концерт, пишува Скај
Гувернерката на Арканзас Сара Хакаби Сандерс потврди дека некои луѓе сѐ уште се заробени во урнатините. Торнадото урна куќи, превртуваше автомобили и корнеше дрвја. Без струја во Арканзас останаа околу 90.000 граѓани.
„Во овој момент знаеме дека 24 лица се хоспитализирани во болниците во Литл Рок, но немаме информации дека има смртни случаи“, напиша на Твитер градоначалникот на Литл Рок, Френк Скот Џуниор.
Баптистичкиот медицински центар во соседниот град Норт Литл Рок одделно извести дека лекува 11 лица кои биле повредени, од кои еден е во критична состојба. Други градови подалеку од Литл Рок, исто така, известија за масовно уништување и повреди.
Ричард Денис, началник на полицијата во градот Вин, за локална телевизија изјави дека торнадото предизвикало „тотално уништување низ градот“. Торнадото следеше по серијата силни грмотевици што ги погодија јужните и средно-западните региони на САД, каде живеат околу 85 милиони луѓе.
Разорната бура предизвика и други торнада во Ајова, силен град во Илиноис и пожари во Оклахома. Луѓето беа повикани да се евакуираат од делови на Оклахома Сити за да се спасат од пожарот. Метеоролозите најавуваат нова серија силни бури следниот вторник во истото подрачје.
Кобното торнадо се случи додека претседателот Џо Бајден ги обиколуваше последиците од второто смртоносно торнадо што го погоди Мисисипи пред една недела. Најмалку 21 лице загина во тоа торнадо, а околу 2.000 домови беа оштетени.
Гувернерката Хакаби Сандерс активираше 100 членови на Националната гарда на Арканзас за да им помогне на локалните власти во одговорот на последиците од торнадото. „Се молам за сите оние кои беа и останаа на патот на оваа бура“, напиша на Твитер Хакаби Сандерс, која прогласи вонредна состојба.