Свеста дека примената на говор на омраза може да создаде сериозни последици во односот помеѓу поединци, помали и поголеми општествени групи и да го наруши мирот во државата, сé повеќе расте. Така и успеваме да се трансформираме од општество во кое на почетокот на вториот милениум, токму поради етничка нетрпеливост, нетолеранција и говор на омраза поттикнат од национализам се случи воен конфликт, во мирно општество кое е едно и еднакво за сите.
Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците, на која беа презентирани резултатите од студијата насловена Говорот на омраза како валута на национализмот: институционален одговор во Северна Македонија“, спроведена од Институтот за демократија.
Министерот Шаќири рече дека оваа трансформација на општеството не е настаната сама по себе, односно факторот време не би бил доволен доколку не само институциите на системот, туку и граѓанскиот сектор, домашните и меѓународните организации и сите други чинители, не преземале и не преземаат конкретни чекори и активности за градење на хармонична средина за живеење во која сите ќе чувствуваат подеднаква припадност.
„Од позиција на министер за образование и наука, но и како човек кој доаѓа од академската фела, го застапувам ставот дека најмногу на размислувањето и генерално на однесувањето на луѓето, на цели генерации може да се влијае преку образованието. Затоа, мораме да продолжиме да градиме образовен систем преку кој секој ќе се едуцира и ќе ги стекнува вистинските човечки, морални, етички и конечно граѓански вредности кои мора да ги поседуваме, доколку сакаме јакнење на општеството и напредок на државата“, рече Шаќири, додавајќи дека таквите стекнати вредности се трансгенерациски преносливи преку семејството.
Информираше дека промените кои МОН ги прави во основното образование во моментов, меѓудругото се базирани и токму на овие вредности.
„Новата концепција за основно образование, наставните програми и учебниците кои истата ги предвидува, а се изработуваат етапно, ги насочуваат генерациите наместо кон меѓуетничка нетрпеливост, нетолерантност, говор на омраза и така натаму, да се фокусираат на сосема спротивното. Затоа што само така ќе созреат како добри луѓе и мирољубиви граѓани кои во различностите ќе гледаат предност и можност за обедување, а не бариери и причини за поткопување на одредени лични или општествени релации, односно односи помеѓу поединци и групи“, потенцираше Шаќири, притоа споменувајќи дека фокусот е ставен и на едукацијата на младите за препознавање на лажни вести, затоа што, како што рече, секогаш ќе има индивидуи на кои им оди во прилог или едноставно посакуваат нарушување на меѓуетничките односи, па со креирање на невистини и нивно публикување ќе се обидуваат да стекнуваат сојузници во заложбите за создавање тензична атмосфера.
Министерот изрази благодарност до наставниците за кои рече дека се најважен сојузник и тие како клучна алка во воспитно – образовниот процес директно ја испраќаат пораката што заеднички е креирана, а нагласи и дека организациите на Обединетите нации, особено УНИЦЕФ, а понатаму и ЕУ, Светска Банка, ОЕЦД, ОБСЕ и други имаат голем придонес во креирањето на образовните политики и обликувањето на националниот образовен систем.
„Тука сте и Вие како Комитет за односи меѓу заедниците. Тука се и авторите на овој и на слични трудови и анализи, чии препораки се секогаш добредојдени. Оваа жаргонски речено борба е наша заедничка и затоа мора да останеме обединети. Правилно да ги насочуваме младите и да градиме генерации кои ќе знаат да препознаваат и одбиваат говор на омраза, нетолеранција и нетрпеливост“, рече министерот за образование и наука.