PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 1180x200

Шесте битки кои ќе одлучат за конгресните избори во САД, можеби и политичката судбина на Бајден

Nov 7, 2022

[ad_1]

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 300x250

САД повторно излегуваат на избори на 8 ноември. Контролата врз американскиот Конгрес е влог на овие избори, како и 35-те места во Сенатот, кои одлучуваат кој ќе доминира во Горниот дом на американскиот Парламент. Во моментов, Сенатот е поделен 50:50 меѓу двете партии, но демократите имаат предност бидејќи можат да ја повикаат потпретседателката, која го има одлучувачкиот глас, пишува Би Би Си.

Ако републиканците преземат само едно место кое моментално го имаат демократите, тие ќе можат да ги спречат плановите на актуелниот американски претседател Џо Бајден. Доколку републиканците ја преземат контролата, аналитичарите оценуваат дека Вашингтон може да ја запре или намали помошта за Украина.

Во продолжение следува водич низ шест американски сојузни држави кои треба да се следат, како и изборната драма што се одвива таму.

Џорџија

Две изненадувачки победи во оваа традиционално конзервативна јужна држава на крајот им дадоа на демократите контрола врз Сенатот по изборите во 2020 година. Џорџија повторно може да се покаже како клучна.

Еден од победниците беше Рафаел Ворнок (53), кој стана првиот црномурест сенатор од оваа држава благодарение на огромниот број афроамерикански гласачи. Овој пат и републиканците номинираа црномурест кандидат, 60-годишниот Хершел Вокер.

И двајцата имаат скромно потекло, но патиштата по кои тргнаа и нивната денешна политика веќе не можат да се разликуваат. Сенаторот Ворнок е баптистички проповедник кој се прославил како свештеник во црквата на Мартин Лутер Кинг Џуниор. Вокер е легенда на американскиот фудбал кого во трката го вовлече неговиот стар пријател Доналд Трамп.

Кампањата на Вокер беше нарушена со серија лични скандали, но на конзервативните гласачи веројатно им се допаѓа неговата молба за прошка и отфрлање на либералната политика.

Ворнок се надева дека неговата кампања за заштита на правата за абортус и гласачките права ќе ги инспирира либералите, но високата инфлација, забавувањето на економијата и непопуларноста на претседателот Џо Бајден го загрозуваат неговото тесно водство.

Доколку ниту еден кандидат не добие 50 отсто од гласовите, што е можно бидејќи постои либертаријански (слободарски) кандидат на трета партија, тогаш вториот круг од изборите ќе се одржи на 6 декември.

Пенсилванија

Тука тесните натпревари станаа вообичаени. Последните два претседателски избори во оваа држава беа решени со разлика од еден процент, а оваа трка за Сенатот исто така може да се сведе на слична разлика. Можеби затоа стана толку лично. Или можеби тоа е поради неверојатните ликови.

Џон Фетерман (53) е тетовиран двометраш кој дипломирал на Харвард и станал градоначалник на мало место. Обично носи шорцеви и дуксери. Прогресивниот демократ имаше солидна предност се додека не доживеа мозочен удар пред неколку месеци, што го принуди да користи технологија за титлови за да одговара на прашања.

Неговиот републикански противник Мехмет Оз – на телевизиските гледачи попознат како „Д-р Оз“ од шоуто на Опра Винфри – го искористи хендикепот на неговиот противник, постојано предизвикувајќи го на јавни дебати и дури сугерирајќи дека „Фетерман не би бил болен доколку некогаш во животот јадел зеленчук“.

За возврат, кампањата на Фетерман го опиша славниот кардиохирург на социјалните мрежи како профитер од Њу Џерси, трговец со сомнителни чудотворни лекови, па дури и убиец на кутриња.

Невада

Ова е уште една изборна трка за која експертите велат дека е премногу неизвесна за да се предвиди. Демократската сенаторка Кетрин Кортез Масто победи на конгресните избори во 2016 година како прва латиноамериканска сенаторка во земјата. Таа сега се смета како најризична кандидатка оваа година, а латино гласачите би можеле да и го свртат грбот.

Демократите го губат тлото под нозе меѓу Латиноамериканците во изминативе години, делумно затоа што многу од нив се за конзервативните политики за абортусот и имиграцијата.

Но, економските проблеми – најважното прашање за секоја демографска група – е она што најмногу штети. Невада, која се потпира на богатството создадено во Лас Вегас и Рено, е особено тешко погодена од пандемијата на коронавирусот.

Републиканците се надеваат дека гласачите ќе ја казнат партијата на власт. Ако го сторат тоа, тогаш Адам Лаксалт (44) би можел да тргне по стапките на својот татко и дедо, кои исто така биле бирани во Сенатот.

Тој е поддржан од Трамп, а Лаксалт за возврат ги поддржува неоснованите тврдења на поранешниот претседател дека изборите во 2020 година биле наместени.

Охајо

Оваа сојузна држава цврсто гласаше за републиканците на два последователни претседателски избори, така што оваа трка не треба да биде толку тесна. Демократите го номинираа Тим Рајан (49), член на Претставничкиот дом и еден од демократските кандидати на претседателските предизбори во 2020 година.

Републиканците го номинираа Џ.Д. Венс (38), инвеститор кој се прослави со неговите најпродавани мемоари од 2016 година, кои беа екранизирани во филмот „Hillbilly Elegy“ на Нетфликс. Некогаш таканаречениот „Никогаш Трампер“, Венс сега ентузијастички го прегрнува Трамп или како што го опиша поранешниот претседател: „Џ.Д. ми го бакнува зад*икот, толку многу ја сака мојата поддршка!“

Политичарот-почетник не успеа во предизборната кампања, а Рајан, кој своевремено се кандидираше против Ненси Пелоси за нејзиното претседателско место во Претставничкиот дом, продолжи со притисокот.

Финансиската поддршка од републиканските групи го одржува Венс на површина во последните недели од кампањата, напаѓајќи го неговиот ривал во реклами како лажен „умерен кандидат“ кој целосно го поддржува она што тие го опишуваат како радикална агенда на демократите. Венс би можел да победи, но ќе мора добро да се испоти за да го оствари тоа.

Аризона

Никаде теориите на заговор за изборите во 2020 година не се толку зајакнати како во државата на Гранд Кањон. Републиканскиот кандидат за Сенатот, Блејк Мастерс (36) отворено ја форсира лагата дека Трамп всушност победил и дека му е украден изборниот резултат.

Самопрогласениот „прв конзервативец на Америка“ со националистичка платформа жестоко ги критикува големите технолошки компании, се спротивставува на американската помош за Украина и дури повика на создавање Федерални резерви на биткоини.

Демократската позиција ја брани Марк Кели, поранешен астронаут на НАСА, чија сопруга, конгресменката Габи Гифордс, беше застрелана во глава при речиси фатален обид за атентат во 2011 година.

Брачната двојка се фокусираше на контролата на оружјето во изминатата деценија. Гифордс полека ја враќа способноста за читање, зборување и движење. Но, сенаторот Кели беше во одбрана против илегалната имиграција во оваа погранична држава, отфрлајќи го тврдењето на Мастерс дека поддржува „отворени граници“.

Водечките републикански групи избегнаа големи трошоци во оваа изборна трка, делумно поради екстремните ставови на кампањата на Мастерс и фактот дека Кели ја одржува предноста од летото.

EPA/CRISTOBAL HERRERA

Висконсин

Во уште една длабоко поделена држава каде што изборите се одлучуваат со тесна разлика, демократите ја направија оваа трка нивна најголема цел на почетокот на изборниот циклус. На партиските стратези им „падна вилицата“ кога сенаторот Рон Џонсон, кој вети дека ќе се повлече по вториот мандат, се предомисли бидејќи „земјата е во преголема опасност“.

Шеесет и седум годишниот републиканец гласаше против верификувањето на победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година, го намали значењето на немирите во американскиот Капитол и дури еднаш предложи гаргара за испирање на устата како лек за уништување на коронавирусот.

Но, републиканците тврдат дека демократскиот кандидат Мандела Барнс (35) има екстремни ставови. Тие ги наведуваат минатите врски на заменик гувернерот на Висконсин со екстремно левичарско движење околу кратењето финансии за полицијата и укинување на локалната агенција која приведува илегални имигранти.

Барнс се обиде да се фокусира на ставовите на Џонсон против абортусот, но републиканецот е тој што ја има иницијативата.

Актуелниот американски претседател, Џо Бајден се обидува да ја зголеми поддршката за демократските кандидати на само неколку дена пред изборите за Конгресот, на коишто Американците од неколку сојузни држави ќе избираат членови на Претставничкиот дом и на Сенатот. Експерти проценуваат дека тенкото мнозинство на демократите во Конгресот е загрозено, бидејќи грижите на гласачите се префрлаат од прашања што ги фаворизираат демократите, како што е абортусот, кон оние што ги фаворизираат републиканците, како што се економијата и криминалот.

Видете, сите говорат дека станува збор за референдум. Но луѓе, ова не е референдум. Ова е избор меѓу две суштински различни верзии за Америка, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

Тој истакна дека американската демократија е на удар поради лажните тврдења на неговиот претходник Трамп за украдени избори.

Американската демократија е на удар затоа што поразениот поранешен претседател на САД одбива да ги прифати резултатите од изборите во 2020 година. Тој одбива да ја прифати волјата на народот. Одбива да го прифати фактот дека ја изгуби работата, ја злоупотреби својата моќ и ја стави лојалноста кон себе пред лојалноста кон Уставот, нагласи Бајден.

Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп планира враќање во Белата куќа. На митингот во Ајова, тој рече дека најверојатно ќе учествува во трката за претседател во 2024 година и најави дека наскоро ќе го објави својот план. Трамп сè уште инсистира на тоа дека победил на претседателските избори во 2020 година и дека го изгубил вториот мандат поради местење на гласовите.

Двапати се кандидирав. Двапати победив. Вториот пат бев многу подобар, добив милиони повеќе гласови во 2020 година отколку во 2016 година, повеќе гласови од кој било друг актуелен претседател во историјата. Сега, за да ја направам нашата земја просперитетна, безбедна и голема, ќе го направам тоа повторно многу, многу, многу веројатно, изјави Трамп.

Се очекува Трамп и Бајден да ги објават своите кандидатури по изборите на 8 ноември.

Г. Т.

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 940x400

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ