Спасовски: Во моментов нема индикација за нарушување на безбедноста во регионот

Во моментот двајцата оценивме дека немаме индикација за нарушување на безбедноста ниту во државите ниту во регионот, меѓутоа мора да останеме будни и сериозни во осуетување на било какви обиди за нарушување на безбедноста, вели за МИА министерот за внатрешни работи на Македонија Оливер Спасовски по средбата со министерот за цивилна заштита на Грција Такис Теодорикакос и додаде дека се договориле, на дневна основа, да разменуваат податоци и информации „кои можат заеднички да ни помогнат во зачувување на стабилноста и на мирот”.

Министерот Спасовски е во дводневна работна посета на Атина и на покана на грчкиот министер денеска ќе учествува на Министерска конференција во рамки на претседавањето на Грција со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во периодот 2021-2022 година.

Веднаш по синоќешната средба со Теодорикакос, во разговор со дописничката на МИА од Атина, Спасовски рече дека со грчкиот министер опфатиле низа теми меѓу кои и продлабочување на билатералната соработка во безбедносните прашања, миграцијата, руската агресија врз Украина, а откри дека Македонија и Грција се во постапка на случување на два договора, но и дека утре во Скопје ќе се одржи состанок на директорите на полициите од целиот регион.

-Разговаравме за подигањето на нивото на меѓусебната соработка бидејќи Преспанскиот договор отвори нови поглавја во меѓусебната соработка и сметаме дека токму безбедноста е темата којашто е најважна ако сакаме да имаме добра надградба во делот на економијата и градењето на односите, рече Спасовски за средбата со Теодорикакос.

Станало збор и за два билатерални договори што се во постапка на склучување, едниот за борбата против криминалот помеѓу Македонија и Грција, а вториот е Договор за реадмисија.

Министерот објасни дека моментално договорите се во фаза на усогласувања и веднаш по усогласувањата ќе може да се потпишат.

Истакна дека оперативното ниво на функционирање на двете полиции е исклучително важно „ако сакаме да ја подигнеме и безбедноста и во двете држави и да влијаеме регионално на безбедноста”.

-Ние во четврток ќе одржиме еден состанок, една средба на директори на полиции од целиот регион и ќе присуствува и грчкиот директор на полицијата. Тоа е една добра можност да се договорат работите на оперативно ниво, откри министерот Спасовски.

Важно е да се сочува мирот, стабилноста и безбедноста на Македонија

Двајцата министри разговарале и за новонастанатата состојба со руската агресија врз Украина, „за поддршката на Украина и на украинскиот народ и секако за соработка помеѓу Македонија и Грција се со цел да се сочува безбедноста на двете држави и безбедноста на граѓаните”, како и за помошта која што ја пружаат двете држави за украинските државјани кои ја напуштаат Украина.

-За нас е многу важно да се сочува мирот, стабилноста, безбедноста на Македонија, на нашите граѓани. Тоа го предочив и пред мојот колега. Ние како држава ги преземаме с ите мерки коишто се потребни да бидат преземени во овој дел. Максимално посветено работат сите безбедносни служби се со цел да не дозволиме било какво нарушување на мирот и безбедноста. Во моментот двајцата оценивме дека немаме индикација за нарушување на безбедноста ниту во државите ниту во регионот, меѓутоа мора да останеме будни и сериозни во осуетување на било какви обиди за нарушување на безбедноста. Така да, максимално посветено ќе работат и сите служби за безбедноста сфера и во Македонија и во Грција. Договоривме да разменуваме на дневна основа податоци и информации кои можат заеднички да ни помогнат во зачувување на стабилноста и на мирот, истакна Спасовски.

Регионалната соработка е важна особено во светло на украинската криза

Министерот Спасовски рече дека во светло на украинската криза важна е и регионалната соработка, додавајќи дека земјите членки на НАТО споделуваат исти вредности и политики во конкретното прашање и „тука немаме дилема дека ќе ги реализираме сите тие заеднички политики на НАТО алијансата, а во рамките на таа соработка е и јакнењето на соработката и размена на податоци и информации со Република Грција”.

Во контекст на регионалната соработка и нејзино подобрување е и Процесот на соработка на Југоисточна Европа со којшто сега претседава Грција, а потоа претседателството ќе го преземе Црна Гора.

Спасовски истакна дека соработката е важна пред се „во неколку сегменти за добро поставување на соработката меѓу сите држави од оваа иницијатива, особено во организираниот криминал, трговијата со дрога и оружје, илегалната миграција, тероризмот”.

Додаде дека тоа се теми за кои што мора да се преземат заеднички мерки за заштита „и на нашите граѓани меѓутоа и за заштита на целиот регион”.

– Сепак, таа соработка во делот на безбедноста мора да тргне и од регионално ниво. Затоа што ако сакате да бидете ефикасни во борбата против транснационалниот криминал, ако сакате да бидете ефикасни во делот на борбата илегалната миграција, тероризмот итн, исклучително важно е да имате и брза размена на информации, на податоци. Токму овие иницијативи создаваат можности преку заеднички договори, како и на кои начини да се воспостават канали за размена на податоци и информации, истакна министерот, додавајќи дека Македонија од самиот почетокот на оваа иницијатива ја има поддржано максимално.

Значително намалување на обидите за нелегален влез во Македонија

Спасовски и Теодорикакос разговарале и за миграцијата, за која, според министерот, двете земји имаат исклучително добра соработка во изминатите скоро седум години, со добра размена на информации на дневно ниво.

Констатирале дека има добра поставеност на границата меѓу Македонија и Грција и намалување на бројот на мигранти кои што се обидуваат илегално да влезат на територијата на нашата земја.

-Секако дека таа добра поставеност на македонската полиција допринесе Република Македонија да не биде атрактивна земја за поминување на мигрантите низ нашата земја. Исто така се зголеми ефикасноста во делот на откривањето на криумчарењето на мигранти и значително, со крајот на 2021 година имаме намалување за околу 35 проценти на обидите за преминување на границата и за 33 отсто намалување на криумчарење на мигранти, рече Спасовски.

Министерска конференција во Атина во рамки на претседавањето на Грција со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) ќе се одржи денеска, а ќе се дискутира за зајакнување на соработката во безбедносните прашања, во борбата со организираниот криминал, нелегалната миграција, како и за ситуацијата во Украина.

Непосредно пред почетокот на состанокот, министерот Спасовски во разговор со дописничката на МИА од Атина рече дека очекува плодна дискусија за начините и методите како да се подобриме соработката на регионално ниво.

ТОП ВЕСТИ

МНР на Косово ги повика граѓаните да избегнуваат преминување низ Србија

Косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора апелираше до граѓаните на Косово да избегнуваат преминување преку Србија, поради ситуацијата на север во државата. „Поради ситуацијата...

Ахмети го посети семејството на Хашим Тачи: Гордо ќе го пречекаме како победник

Лидерот на ДУИ Али Ахмети го посети семејството на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, кој е обвинет од хашкиот трибунал за воени злосторства за...

Ѓоковиќ водеше „жестока војна“ со Давидович Фокина, но обезбеди осминафинале во Париз

Новак Ѓоковиќ успеа да обезбеди осминафинале на Ролан Гарос и тоа откако ја оправда фаворитската улога во дуелот со Алехандро Давидович Фокина. Голема битка се...

Три лица загинаа во сообраќајка кај Кадрифаково, меѓу нив и 15-годишно девојче

Три женски лица го загубија животот, а уште четири се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи денеска на автопатот Штип - Миладиновци...

Путин поттикнува немири на Балканот како нов фронт во неговата војна против Западот

ДРАГАН МИШЕВ Путин подготвува нов фронт во неговата војна против Западот. За таа цел се чини дека нема подобра опција од тоа да поттикнува...