Пред нас се најголемите реформи во јавните финансии во изминатите две децении, врз кои ќе се гради систем што ќе продуцира повисоки стапки на економски раст и подобар животен стандард за граѓаните, е најавено по средбата меѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и премиерот Димитар Ковачевски на која присуствуваа и раководителите на сектори во Министерството за финансии.
„Станува збор за новиот реформски Закон за буџети (Organic Budget Law), поддржан од сите релевантни меѓународни институции, како и од политичките партии, и измените и дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Овие закони, кои се во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија, се креирани по примерот на најдобрите светски и европски практики и носат крупни реформи од планирање до реализација на буџетот на државата и на единиците на локалната самоуправа, поставување на фискални правила и фискален совет, како и негување на висок степен на отчетност и транспарентност“, соопштија од владината прес-служба.
На средбата било истакнато дека во време на крупни предизвици, какви што се ценовната и енергетската криза, не треба да се изгуби фокусот кон системските реформи.
„Двата реформски закона суштински го менуваат досегашниот систем на функционирање на јавните финансии. Законот за буџети поставува среднорочна рамка и јасни цели за постигнување на одржлив раст, како и интегриран систем кој значително ќе го подобри квалитетот од планирањето до спроведувањето на јавните приходи и расходи. Исто така се поставуваат прагови за долгот и дефицитот во насока на заложбата за фискална консолидација, но и Фискален совет кој независно ќе ги надгледува овие процеси. Измените на Законот за финансирање на општините се засноваат на три столба: подобрување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на нивните приходи, зголемување на фискалната дисциплина на општините и зголемување на нивната транспарентност и отчетност. Со овој закон се овоможуваат повисоки приходи на општините со раст на нивниот удел во даночното зафаќање, но и зголемување на одговорноста и отченоста во трошењето на парите“, се појаснува во соопштението од владината прес-служба.
По усвојувањето на овие закони во Собранието, како што посочуваат од Владата, преку точно утврдени планови на реализација ќе отпочне нивното спроведување.