Тешка трагедија се случи денеска во српското гратче Качарево кај Панчево, кога четиринаесетгодишно момче скокнало од прозорецот на училиштето. Според неофицијални информации, момчето наводно испило некои таблети пред да се самоубие, објави Курир.рс.
За време на настава по германски јазик, пред пријателите и професорката скокнал низ прозорецот од училницата која се наоѓа на вториот кат од училиштето.
Момчето седело на последната клупа, а кога заѕвонило ѕвончето за крај на часот, истрчало и скокнало низ прозорецот. Неговото тело било пронајдено на тротоарот во училишниот двор, а трагедијата во полиција ја пријавиле вработени од обезбедувањето.
Оние кои го познавале момчето велат дека бил добар пријател и многу сакан и ценет, просечен ученик, а бил од семејство во кое немало никакви проблеми.
Во Качарево, инаку, живее значителен број Македонци – околу 20 отсто од 7.000 жители се со македонска националност.