Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја Рејчел Галовеј, со која разговараше за досегашните и тековни активности на Министерството и соработката и поддршката од страна на Британската амбасада во нашата држава.
-На средбата се разговараше за процесот на деинституционализација, на децата без родители и лицата со попреченост. Министерката информираше дека повеќе ниту едно дете под 18 години не е сместено во институција туку во групен дом со 24 часовна грижа од стручен тим. Тече и процесот на преселба на лицата со попреченост, преку отворање на нови групни домови, во услови налик семејните, информираат од МТСП.
Тренчевска на средбата истакнала дека во насока на обезбедување на поголема поддршка на згрижувачките семејства и подигнување на свеста за нивното значење се и отворањето на двата Центри за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје и Битола. При што беше истакната поддршката од страна на УНИЦЕФ.
На средбата се разговарало и за воспоставувањето и развојот на социјалните сервиси на локално ниво.
-Само изминатата година потпишавме договори со 22 општини, наскоро ќе биде објавен нов јавен повик, за вклучување и на останатите општини. Ги приближуваме социјалните услуги до граѓаните, во нивното место на живеење, рекла Тренчевска.
Таа истакнала дека Министерството работи и на изработка на Национален регистар на лица со попреченост, како и на Закон за вработување на лица со попреченост, кој ќе понуди нова перспектива и професионална рехабилитација.
Тренчевска потенцирала дека родовата еднаквост е високо на агендата на приоритети на МТСП. Притоа, информирала дека, Стратегијата за родова еднаквост наскоро влегува во собраниска процедура, а министерството активно работи и на нов Закон за родова еднаквост, кој до крајот на следниот месец ќе ја има драфт верзијата, за која ќе биде отворена широка јавна дебата. Подобрување на механизмите за родова еднаквост на национално и на локално ниво, како и ефикасно функционирање на Ресурсниот центар за креирање на политики и родово одговорно буџетирање се очекувањата од ова законско решение.
-Амбасадорката Галовеј уште еднаш ја потврди поддршката за процесот на деинституционализација и дизајнирање на услуги засновани на потребите на заедницата, а се со цел децата и семејствата да ја добијат поддршката која им е потребна. Продолжува и поддршката на политиките во детската заштита односно детските градинки и зајакнување на капацитетите на вработените во нив, преку заедничките проекти кои се спроведуваат, се вели во соопштението од МТСП.
Двете соговорнички изразиле подготвеност за продолжување на добрата соработка и пријателство меѓу двете држави и институционална соработка и продолжување на тековните и идни заеднички проекти.