[ad_1]
Украина ги нуди сопствените складишта за природен гас за складирање на стратешките енергетски резерви на Европската унија – соопшти денеска украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.
Халушченко во објава на Фејсбук напиша дека неговата земја ги има најголемите подземни складишта во Европа. „И покрај целосната воена агресија на Русија, Украина останува силен и сигурен партнер за Европа во однос на енергетската безбедност, рече тој – пренесува ДПА.
Министерот ги поздрави напорите на ЕУ да ја одвикне Унијата од руските испораки на гас и заеднички да купува од други добавувачи. Украина може да придонесе за оваа солидарност и механизам за балансирање со своите складишта, рече Халушченко.
На самитот на ЕУ во четвртокот, земјите-членки се согласија на доброволно заедничко купување на гас, течен природен гас (ЛНГ) и водород во обид да се оттргнат од рускиот увоз додека се справуваат со зголемените трошоци за енергенси. За таа цел, ЕУ склучи договор со Вашингтон да добие најмалку 15 милијарди кубни метри ЛНГ од САД оваа година.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали Катар и другите земји од Персискиот Залив како „сигурни и цврсти снабдувачи на извори на енергија“.
– Тие би можеле да придонесат за стабилизирање на ситуацијата во Европа, рече тој во видео обраќањето на економскиот форум во катарската престолнина Доха.
Украина ги повикува своите сојузници на Запад веднаш да го бојкотираат увозот на руски енергенси како дел од напорите да се казни Москва за нејзината инвазија и да и се одземат финансиските средства кои и се неопходни за да ја води својата војна.
Сепак, рускиот гас продолжува да тече на запад преку украинската мрежа на гасоводи. Не е јасно дали Москва ги прекина плаќањата за овој транзит. За Украина, транзитот на гас беше и е важен извор на приход – посочува германската новинска агенција ДПА.
Украина веќе некое време добива испораки од ЕУ за да ги задоволи сопствените потреби за гас.