Ситуацијата во Украина ја нагласува важноста на блиското партнерство со ЕУ и вредноста на Северна Македонија како членка на НАТО. Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија како членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи – порачаа дипломатите Гир и Бомгартнер.
Дијалогот со Бугарија и испораката на реформи сè уште се главни услови за Македонија да ги почне претпристапните преговори за членство во Европската Унија, порачаа вчера евроамбасадорот во ЕУ Дејвид Гир и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер на прес-конференцијата во седиштето во ЕУ по повод чекорите што ги презема ЕУ за поддршка на Украина. Во врска со тоа дали ситуацијата во Украина ќе го забрза интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, Гир и Бомгартнер нагласија дека регионов останува стратешки интерес за Унијата и потсетија на заклучоците на европските лидери на состанокот во Брдо, Словенија, пред неколку месеци.
– Ситуацијата во Украина ја нагласува важноста на блиското партнерство со ЕУ и вредноста на Северна Македонија како членка на НАТО. Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи – порачаа дипломатите.
Тие повторно нагласија дека земјата постигнала забележителен напредок.
Во врска со дијалогот со Бугарија и можноста ЕУ да се вклучи, тие велат дека треба да бидат оставени двете страни самите да дојдат до решение, односно „да му се дозволи на процесот да се одвива во најдобри можни услови“.
Гир и Бомгартнер категорично ги отфрлија споредбите помеѓу руско-украинските односи и бугарско-македонските, кои се често присутни во јавноста. Според нив, за разлика од агресорскиот пристап на Москва и нарушениот територијален интегритет на Украина, Бугарија била меѓу првите земји што ја призна Македонија и ја поддржа во НАТО, а исто така ѝ помогна за евакуација на дваесетина македонски државјани од Украина.
Во врска со можноста Македонија и Албанија да влезат во брз пакет заедно со Украина за интеграција во ЕУ, амбасадорите рекоа дека за Украина европските лидери допрва ќе одлучуваат за следните чекори, процедурите за секое членство се јасни, а одлуките ги носат лидерите.
Според претседателот Стево Пендаровски, во Македонија опаѓа поддршката на членството во ЕУ, а расте поддршката за други алтернативни форми и регионални организации, што се должи на повеќе фактори, но најголем дел на блокадата од Бугарија. Пендаровски вели дека доаѓањето на Кирил Петков за премиер на Бугарија внесе новата динамика во дијалогот меѓу двете страни.
– Она што е добро е што е променета методологијата на разговарање. Сега двете страни не даваат доминантен фокус на историските прашања, туку се потпираат на инфраструктурните и на енергетските поврзувања, на соработката во економијата, образованието, медиумите – рече Пендаровски на ТВ Сител.
Во Бугарија, пак, расте поддршката за новиот пристап на Софија кон Скопје, односно 31 отсто од бугарските граѓани го поддржуваат новиот пофлексибилен пристап во преговорите, а за придржување до досегашниот поцврст став се изјасниле 49 отсто од испитаниците. Во претходните анкети за време на владата на Бојко Борисов и поддршката за тврдиот пристап изнесуваше и до 80 отсто.