Еврокомесарот Оливер Вархеји , претставувајќи ги годинашните извештаи за прогресот на земјите кандидати за членство, најави дека од идната година тие нема да бидат седум, туку десет, односно ќе ги вклучуваат и Украина, Грузија и Молдавија.
Она што е поважно за нас, тој најави дека ЕУ решила да го отвори пазарот на електрична енергија за земјите од Западниот Балкан и да не покани да станеме дел од заедничкото станбдување со енергенси. Според Вархеји, енергетската криза е предизвик за регионот и затоа во рамките на економскиот и инвестициски пакет од 10 милијарди евра, промовиран пред две години, сега ќе се финансираат и енергетски проекти кои ќе ја намалат нашата зависност од руските енергенси, при што ќе се финансираат три нови соларни паркови во Македонија, покрај проектите во другите земји.
Тој најави исто така дека ЕУ ќе финансира и трансбалкански коридор за електричка енергија, како и гасен конектор межу Србија и Бугарија , меѓудругото и за да се обезбеди гас за Србија што ќе ја направи независна од Русија. За возврат Белград ќе треба да ја приклони целосно на политиката на ЕУ кон оваа држава, вклучувајќи ги и санкциите.
Генерално Вархеји рече дека кризата околу Украина покажала дека светот се сменил и дека тие промени се одразија и на процесот на проширувањето.
„Проширувањето е повеќе од кога и да е геополитичка инвестиција во мирот и безбедноста на Европа“, рече Вархеји оценувајќи дека тоа станува приоритет на Унијата и дека ќе се прават напори земјите од Западниот Балкан да станат членки што е можно побрзо.
За Македонија Вархеји рече дека главниот пробив бил направен со одржувањето на меѓувладината конференција , порачувајќи дека земјата треба да ја задржи брзината со која ги остварува реформите и да го искористи скринингот за да го забрза процесот уште повеќе. Потоа тој побара дополнителни резултати околу борбата со корупцијата и јавната администрација, заклучувајќи дека Македонија покажала генерално решеност да напредува на европскиот пат и се покажала како доверлив партнер на ЕУ.
Покрај овие одлуки Вархеји објави дека Европската комисија конечно препорачала кандидатски статус за БиХ нарекувајќи го тоа историски момент за земјата и повикувајќи ги лидерите да го искористат.