Нашите очи и уши се вперени кон Скопје и мора да водиме демократска дебата. Видовте дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, даде директен придонес. Нека се разви дебатата и потоа да ги кажеме нашите позиции, изјави еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји.
Тој пристигна доцна попладне во Валона, Aлбанија, кадешто ја посети новоизградената обиколница финансирана од Европската Унија, по што одржа прес-конференција со премиерот на Албанија, Еди Рама.
Што се однесува за Албанија, според Вархеји, таа направила сè за да дојде до првата меѓувладина конференција.
– Верувам дека следната недела ќе биде неделата што толку долго ја чекавме, рекол Вархеји.
Европската Унија ја поддржа изградбата на обиколницата со грант од 20 милиони евра. Исто така, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за овој проект учествуваа со заеми од по 18 милиони евра.