Пожарот во Беровско кај селата Митрашинци и Будинарци веќе е под контрола, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Беким Максути, кој заедно со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, се на самото место.
Одговарајќи на новинарско прашање за колку време ќе се изгасне пожарот, Максути рече дека верува оти тоа може да се случи во текот на денешниот или најкасно во текот на утрешниот ден.
Тој оцени дека имале врза реакција и соработка со институциите, пред сè со ЦУК, но и со локалната самоуправа и со доброволните друштва.
Во гаснењето на пожарот, покрај пожарникарите од Берово и од околните градови, од утрово се вклучи и хеликоптер на МВР, а по неколку часа на помош пристига и еден авион од ДЗС.
„Како што може да видите, пожарот е ставен под контрола, моментално авионот дејствува, ќе лета повеќе пати се до целосно гасење на пожарот. Сакам да упатам апел до граѓаните за внимателност бидејќи повеќето од пожарите кои беа и лани, но и оваа година се подметнати или пожари од невнимание. Нема пожар што сам се појавува на некое место. Ова е место односно простор и шума кои не може да горат така лесно, сигурно е запален на некој начин“- рече Максути