Во тек е обемна истага во врска со дојавите за поставени бомби во скопските училишта која се одвива во неколку правци и во која се вклучени АНБ, одделението за антитероризам како и странските партнери, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за „Слободен печат.ТВ“.
-Ова се класични хибридни напади не само кај нас туку и во целиот регион. Знаеме од каде доаѓаат мејловите, како и итн. Министерството функционира во полн капацитет и ќе го надминеме овој проблем, дециден е министерот откако утрово првин во средните училишта Јосип Броз Тито и „Владо Тасевски“, а потоа и во гимназијата „Никола Карев“ и во „Панче Арсовски“ пристигнаа нови дојави за поставени бомби.
Дека се работи за хибридна војна од која не е иземен ниту регионот ниту државава, е тезата и на премиерот Димитар Ковачевски, кој потсети дека и институциите на соседна Албанија подолг временски период беа таргетирани.
-Сите ние сме свесни за тоа што се случува. Неколку наши институции во претходниот период беа под хакерски напади за што добивме и поддршка од нашите НАТО партнери кои се најспремни во делот на справување со хакерски напади и тимови работеа со нашите тимови. Ова што се случува е исто така дел од таа стратегија за такви хибридни напади, рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека МВР интервенира при такви дојави бидејќи се работи за училишта.
-Не случајно тие таргетираат школи бидејќи најосетливи се луѓето кога се работи за школи бидејќи нашите деца учат во тие школи, и моите деца и вашите деца и на сите други. МВР нормално дека интервенира, секторот за електронски криминал согласно своите надлежности ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие напади, практично лажни дојави коишто беа до денес и јас се надевам дека тие што тоа го прават ќе сфатат Европа треба да живее во мир, а не да живее во страв и неизвесност, дециден е премиерот.
Она што само го навести министерот Спасовски е дека еден од изворите на овие хибридни напади е Швајцарија, но тамошните институции се затворени и не може да се добијат поконкретни информации, рече тој но познато е и дека токму од оваа земја доаѓаа и серијата закани кои пролетва и минатиот месец пристигнаа на разни адреси на институции, аеродроми и трговски центри во Белград и Загреб. Сторителите но и евентуалните налогодавачи на овие напади, досега не се откриени. За жал, можно е и кај нас да се случи истото, да не се открие кој стои зад заканите кои зачестија и предизвикаа страв и паника кај населението. Има родителите кои веднаш по првите дојави за бомби престанаа да ги испраќаат своите деца во училиштата во Скопје кои се мета на овие хибридни закани.
(Целото интервју со министерот Оливер Спасовски ќе биде објавено во петок на YouTube каналот на Слободен печат“)
Министерот Спасовски зборуваше и за приведувањето на младиот активист Никола Николовски минатата недела, чие име и презиме и телефонски број се најде веднаш под заканувачката порака, во која меѓу другото стоеше и еден виц за Путин кој се ширеше претходно на социјалните мрежи.
– Министерството не прави гаф во однос на повикувањето. Информациите секогаш излегувааат во јавност. Приведно лице имаше и за дојавите за бомба во ЈСП. Секое едно лице за кое има индиции мора да се испита. Бараме разбирање од граѓаните. Секој од нас сака да ги дознае сите работи, да ги дознаеме сторителите. Сметам дека е најдобро да бидеме транспаренти, дали тоа ќе биде најповолно, за институцијата сигурно не е, одговори министерот Спасовски.
Тој додаде дека истрагата се одвива во неколку правци и се прават анализи за можните сторители, дали се тоа поединци, организирани групи или странски служби.
-Има неколку правци во истрагата кои ги анализираме со секоја служба која е вклучена во отворената истрага во министерството. Хибридните напади ги карактеризира толку тоа Најважната работа клична работа во делот на тероризмот за нив е јавноста, сакаат да се дознава за нив, а тоа нам не ни оди во прилог, рече Спасовски.
Пред крајот на првата смена во гимназијата „Никола Карев“ пристигна порака од наставничкиот кадар дека учениците од втората смена може слободно да дојдат на настава по 13 часот. Проверката на овој објект заврши два часа по дојавата за која и овој пат се потврди дека е лажна. Индикативно е што оваа трета недела по ред, дојавите за бомби се случуваат во иста смена. Најчесто таргетирани се гимназиите „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Јосип Броз Тито“. Првата недела кога почнаа нападите, по 13 часот сите скопски средни училишта беа испразнети и проверени иако закани добија само 8 од нив.
Сојузот на средношколци уште при првите закани реагираше до безбедносните структури да ја зголемат безбедноста во средните училишта.
-Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедностите и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето на за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес, соопшти тогаш Сојузот.
Оваа недела електронските дневници треба да се полни со оценки за успехот од тромесечието на сите ученици. Дојавите за бомби поради кои една смена од средните училишта ја прекина наставата, не одеа во прилог на средношколците кои евентуално посакаа да си ги поправат оценките. Дојавите секако ќе бидат главна тема деновиве, на веќе закажаните родителски средби во средните училишта, со оглед на тоа што самоиницијативно родители одлучија да не ги праќаат своите деца на училиште. Загубените часови засега нема најава од училиштата како ќе се надоместат.