Владата разочарана: СОНК одби покачување на платата од 2.500 денари

Apr 18, 2022

Владата синоќа преку соопштение до јавноста изрази разочарување за одбиената понуда до СОНК за зголемување на платите од 10 отсто кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот.

„Тоа значи дека наставниците и воспитувачите би добиле просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања. Воедно и методологијата со која Владата ќе обезбеди континуиран раст на платите, ќе обезбеди трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.

Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786 денари. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874 денари. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари“, реагираат од Владата по вчерашниот епилог.

Синдикатот на образованието, науката и културата вчера објави дека штрајкот во училиштата и градинките продолжува и денес и понудата не се прифаќа. Од таму додадоа дека се останува на ставот зголемувањето да изнесува 18,4 проценти.

„Владата смета дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза. Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат.

Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство“, истакнуваат од Владата.

Една од причините зошто овој предлог не е прифатен од СОНК, е затоа што бил предложен усно, а не во писмена форма, информираа од СОНК, од каде додаваат дека над 95 проценти од синдикалните органзации на СОНК се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда.

– Членовите на СОНК констатираат дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот. Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата, рече претседателот на СОНК, Неделков.

Тој најави скратената наставна програма предвидува наставната содржина да се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика.

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ