Во обид да ја скроти инфлацијата која се искачи на речиси 200 отсто минатиот месец и да спречи нов колапс на африканската валута со најлоши резултати, Зимбабве оваа недела воведе опција за плаќање во златни монети.
Сепак, многу жители на таа земја, кои со децении се соочуваат со недостиг и невработеност, тешко дека ќе можат да си дозволат купување златници додека довербата во домашната валута останува на ниско ниво, пишуваат светските медиуми.
Централната банка на Зимбабве лансираше златни монети во понеделникот на 25 јули, во обид да помогне во спречувањето на зголемената инфлација, посочува Би-Би-Си, додавајќи дека оваа година зимбабвескиот долар значително ослабе во однос на главните валути.
Златникот е наречен „Mosi-oa-Tunya“ што значи „Чад што грми“ и се однесува на водопадите Викторија, кои се наоѓаат на границата меѓу Зимбабве и Замбија.
Секоја монета, ќе има цена на меѓународниот пазар за унца злато – моментално околу 1.720 долари, плус пет проценти за трошоците за производство.
Монетите ќе можат да се користат во продавниците, доколку имаат доволно кусур, изјави гувернерот на Централната банка на Зимбабве, Џон Мангудја.
Владата на Зимбабве се надева дека ќе ја спречи акумулацијата на американски долари со привлекување инвеститори со 22-каратни златни монети исковани од локално ископана руда, пишува Тајмс.
Инфлацијата во Зимбабве минатиот месец се искачи на речиси 200 отсто, што е највисока официјална стапка во светот.
Златните монети ќе се тргуваат и во Зимбабве и во странство и може да се заменат за готовина. Целта е да се намали количината на зимбабвески долари во оптек со цел на крајот да се врати вредноста на таа валута, пишува Вашингтон пост, повикувајќи се на соопштение од тамошната централна банка.
Она што не е познато е дали пристапот има реални шанси за успех, посочува американскиот весник, посочувајќи дека иако златото традиционално е идеална заштита од инфлација и општата економска несигурност, ниту една земја претходно не се обидела да се справи со слабеењето на валутата со продажба на златници.
Претставникот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Зимбабве, Карлос Касерес вели дека станува збор за „невообичаен експеримент“ кој може да биде позитивен доколку продажбата на златници ја ублажи високата побарувачка за американски долари и инфлаторните притисоци.
Централната банка исплати 2.000 златни монети на комерцијалните банки оваа недела, објавувајќи дека првата серија на монети е искована надвор од земјата, но ќе има и локално производство.
Зимбабве има значителни наоѓалишта на злато, а извозот на благородниот метал е еден од најголемите заработувачи на девизи на оваа јужноафриканска земја. Производството на злато во 2021 година достигна 30 тони со помош на малите производители, како што се лесно регулираните занаетчиски рудари кои испорачале 19 тони злато.
Од друга страна, се проценува дека земјата губи околу 100 милиони долари злато месечно поради шверц.
Според законот, целото злато ископано во Зимбабве мора да биде продадено на централната банка, но многу производители претпочитаат да го прошверцуваат златото надвор од земјата за да го соберат во американски долари. (Радио Слободна Европа)