PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 1180x200

Воени игри: Повторување на југословенските војни како забава 

Oct 24, 2022

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 300x250

Во Србија, водачот на југословенските партизани од Втората светска војна, Јосип Броз-Тито и водачот на четничкото движење Драгољуб „Дража“ Михајловиќ, не се само личности од историските читанки и од старите филмови, тие во друштвени игри сè уште можат да се најдат како се борат еден со друг, лице в лице.

Во играта наречена „Генерал Дража“, учесниците можат да изберат да бидат партизански команданти или нивни ривали четници и да ги водат своите војски, со цел да ја победат другата страна и на крајот да ја освојат земјата.

Освен играта именувана по Михајловиќ, БИРН идентификуваше најмалку уште пет други друштвени игри со тематика од војните во Југославија во 20 век, како и десетици видеоигри со пукање мотивирани од војните во 1990-тите.

Овие игри главно се приспособени верзии – познати како модови – на добро познати видеоигри. Некои се направени од српска, бошњачка или од албанска перспектива, иако тие не нужно се произведени од Срби, Бошњаци или од Албанци. Многу од игриве прикажуваат искривен поглед на историјата и ги игнорираат воените злосторства извршени во тие конфликти.

Војните од 1990-тите

Насловна страница на друштвена игра

БИРН откри две друштвени игри што се фокусираат на војните што избувнаа при распадот на Југославија. 

Играта со наслов „Војната се враќа во Европа: Југославија 1991“ го опфаќа периодот од јуни 1991 до почетокот на 1992 година, во раните фази на колапсот на Југославија, кога Словенија и Хрватска се бореа за отцепување. Според описите објавени на веб-страницата Boardgamegeek, онлајн-ресурс за гејмерите, играта ја играат федералист – командант на ЈНА – и сепаратист, кој ги претставува „владите на отцепените републики Словенија и Хрватска и се бори за независност и за слободна пазарна економија“.

Друштвената игра „Братство и единство“ се фокусира на босанската војна од 1992 до 1995 година. Таа е дизајнирана за двајца или за тројца играчи и ги „симулира трите различни страни во војната: Бошњаците, Србите и Хрватите“, се вели на веб-страницата BoardGameGeek. 

„Таа обезбедува интересен избор за играчите: да нападнат или да се позиционираат, со кого да се здружат и кога да ја сменат страната. Води до многу пресврти и до прагматични сојузи со поранешните непријатели – како што и се случуваше во вистинската војна“, пишува на веб-страницата.

БИРН му се обрати на дизајнерот на играта Томислав Чипчиќ за да побара коментар, но тој не ни одговори.

Видеоигрите базирани врз војните од 1990-тите ги користат сценаријата од милитантните операции во Босна, Хрватска или во Косово и се многу понасилни и историски понепрецизни од друштвените игри. 

Овие видеоигри се привлечни зашто младите, особено младите мажи, преку нив може да ги исполнуваат своите фантазии за моќ, коментира Холгер Пецш, професор на Катедрата за јазик и култура на УиТ, на Арктичкиот универзитет во Норвешка.

„Мислам дека популарноста на жанрот се должи на врамувањето на војните како арени за слава и за херојство“, вели Пец за БИРН.

На снимката од видеоиграта „Операција Криваја 95“, објавена на Јутјуб во август 2021 година, се гледаат вооружени војници наредени покрај воени камиони, веднаш до зелена ливада и пред шуми под светлото сино небо. 

Видеоигрите базирани врз војните од 1990-тите ги користат сценаријата од милитантните операции во Босна, Хрватска или во Косово и се многу понасилни и историски понепрецизни од друштвените игри

Местото е Сребреница на 12 јули 1995 година. 

„Криваја 95“ беше името на операцијата на војската на босанските Срби за напад и за заземање на Сребреница, која во тоа време беше зона заштитена од ОН. Операцијата заврши со убиства на повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња и протерување на околу 40.000 жени, деца и стари лица.

Во играта, учесниците што се членови на Дринскиот корпус на војската на босанските Срби ги напаѓаат своите противници кои се вооружени и возвраќаат, тоа е сосема различно од она што всушност се случи во јули 1995 година со Бошњаците од Сребреница, кои беа собрани и систематски масакрирани.

„Криваја 95“ е всушност модификација или таканаречен „мод“ на глобално популарната видеоигра „Арма“.

Питер ван ден Хеде, историчар од универзитетот „Еразмус“ во Ротердам, кој ги проучува историските конфликти во игрите, вели дека „Арма“ е популарна бидејќи дозволува содржината да ѝ се приспособува. 

„Кога развивачите на игри воведуваат алатки за модирање, тие делумно ја отстапуваат контролата врз содржината“, вели тој. 

БИРН најде снимки од игра создадена и од бошњачка перспектива, која се заснова на операцијата „Пајак“ од 1994 година во северозападна Босна, во која српските сили дојдоа на помош на локален Бошњак, моќен лидер, додека се бореше против босанската влада.

БИРН, исто така, пронајде најмалку над 20 модови на играта „Battlefield Vietnam“, кои имаат променето сценарио на настани што се случија во војните во Југославија. Постојат игри за војната во Хрватска, во 1991 година, како „Славонија 1991“ и „Битката на Борово Село“, како и опсадата на Вуковар „прекреирана“ во три модови: „Падот на Вуковар“, „Битката на Вуковар“ и „Одбрана на Вуковар.

Има и модови за опсадата на Сараево, битките во Мостар и операцијата Бура во Хрватска, како и за војната во Косово. Модовите поврзани со војната во Косово ги вклучуваат „Интервенција на НАТО и САД“, „Битката кај Дреница“ и „Битката кај Јуник“, која е достапна во две верзии – „Офанзива на ОВК“ и „Офанзива на југословенската армија“.

Во овие игри занемарени се воените злосторства извршени за време на конфликтот во Косово.

Професорот Поцш вели дека „кога креирате воена симулација или игра, вие донесувате одлуки што да вклучите и што да исклучите“. 

„Во скап комерцијален производ нема да сакате да ги антагонизирате вашите клиенти со тоа што ќе им ја претставите вистинската грдотија на војната. Повеќето од вашите клиенти сакаат да се чувствуваат како недвосмислени херои на мисија “, објасни тој.

Втората светска војна

Детаљ од друштвената игра за четничкиот генерал Дража

Во играта „Генерал Дража“, која го опфаќа периодот од есента 1941 до летото 1945 година, играчите можат да изберат да бидат четници или водачи на партизаните, но, иако германските сили се дел од играта, нема опција да се игра со нив.

„Генерал Дража“ се фокусира на конфликтот меѓу Дража Михајловиќ и силите на Тито. Михајловиќ беше првиот водач на народното востание против германската инвазија на Југославија во 1941 година, но потоа сметал дека комунизмот претставува поголема долгорочна закана и почнал да се бори против Титовите партизани.

Четниците на Михајловиќ беа обвинети за воени злосторства против босанските муслимани и Хрвати, како и против комунистите. Откако Германија беше поразена и Тито дојде на власт во Југославија, Михајловиќ беше суден и погубен во 1946 година за велепредавство и за соработка со нацистите.

Четниците беа забранети за време на комунистичката ера, но станаа популарни со подемот на српскиот национализам во 1990-тите. 

Историчарката Јелена Ѓуреиновиќ, во својата книга „Политиката на сеќавањето на Втората светска војна во современа Србија“, тврди дека откако Југославија почнала да се распаѓа, Србија ја преиспитала историјата на Втората светска војна и ги направила националистичките четници како српски херои

За некои Срби, Михајловиќ е икона на патриотизмот, чиј лик може да се види на мурали, маици, шолји, календари – и на друштвени игри. Андреја Вражалиќ, кој ја создаде играта „Генерал Дража“, ни објасни дека, иако имало десетици различни воени единици на територијата на Југославија за време на Втората светска војна, невозможно било да се создаде игра со сите детали од војната. 

„Морав да ги поедноставам работите, па да речеме, усташите и разните легионери под германска команда се претставени како иста единица, јас дури и не ги воведов српските квислинзи во српската верзија од играта (тие ќе бидат претставени во англиската верзија). И Унгарците не се вклучени итн.“, рече тој.

Без оглед на историските факти за настаните од Втората светска војна и исходот и историските факти, дебатата во Србија за четничкото движење сè уште е многу жива.

Историчарката Јелена Ѓуреиновиќ, во својата книга „Политиката на сеќавањето на Втората светска војна во современа Србија“, тврди дека откако Југославија почнала да се распаѓа, Србија ја преиспитала историјата на Втората светска војна и ги направила националистичките четници како српски херои.

Наследството на четниците беше прифатено од десничарите во современа Србија, кои го користеа Михајловиќ како симбол. Минатиот ноември во Белград, екстремистите насликаа мурал на Михајловиќ до славниот воен началник на босанските Срби, Ратко Младиќ. Во 2004 година, Србија усвои закон со кој на ветераните од Втората светска војна од партизанското и од четничкото движење им се даваат еднакви права. 

Потоа, во 2015 година, Дража Михајловиќ беше рехабилитиран од Вишиот суд во Белград.

За време на државно спонзориран настан во Белград минатата година, по повод годишнината од Денот на победата во Втората светска војна, сликата на Михајловиќ беше прикажана заедно со сликата на Тито. 

Авторот на играта, Вражалиќ објасни дека „Генерал Дража“ е повеќе симулација отколку игра и, следствено, на четниците им е потешко да победат, бидејќи околностите не биле во нивна корист. 

„Партизаните имаат повеќе средства на долг рок, како што е британската или советската помош“, рече тој. 

Вражалиќ, исто така, ја создал друштвената игра наречена „Пеколен оган над Краљево“, која се однесува на кратката соработка меѓу партизанските и четничките движења во есента 1941 година во областа Краљево, во Србија, за време на неуспешното востание против германските сили.

Првата светска војна

Друштвена игра со мотиви од Првата светска војна

„1914: Србија мора да умре“ е една од десетиците илјади игри поврзани со војна во базата на податоци на BoardGameGeek. Компанијата што ја произведува играта, GMT Games ја опишува како стратегиска игра, произведена во 2013 година, и како „модел што ги истражува воените судири во Србија во 1914 година.“ 

Taa е замислена да биде „игра од која може да се научи многу за војната и за географијата каде што се одвивала“. 

Човекот што ја создал играта, Мајкл Реш, создал и други игри за Првата светска војна. Прашан за својата инспирација за српската игра, Реш објасни дека неговиот дедо бил од Виена и се борел во австроунгарската армија.

„Ова кај мене поттикна интерес за Првата светска војна и конкретно интерес за австроунгарското учество во војната“, рече тој за БИРН. 

Тој објасни дека неговата цел била „да произведе симулациска игра што им овозможува на играчите да експериментираат со историјата“. Играчите ги имаат силните и слабите страни на генералите од 1914 година“. 

Играта е за двајца играчи, кои ги претставуваат Австро-Унгарија и Србија, и овозможува можност австроунгарскиот играч да победи, за разлика од реалните историски битки.

„Сепак, тоа не е веројатно“, рече Реш. 

Друга друштвена игра од Првата светска војна наречена „Марш на Дрина“, именувана по популарната српска мелодија, е наменета за четворица играчи – Србија, Австро-Унгарија, Германија и Бугарија. 

Играчот што ја претставува Србија се натпреварува против другите тројца.

Играта го опфаќа периодот од јули 1914 до декември 1918 година и е поделена на 14 различни периоди, низ кои играчите треба да поминат пред да заврши играта.

Еден од креаторите на играта, Вукашин Нишавиќ, се чини дека бил мотивиран од патриотизам. 

Нишавиќ, за Радио-телевизија Србија, изјави дека Првата светска војна во Србија е „периодот на нашата најславна победа, најславните жртви; период кој во денешно време недоволно се споменува“. 

Тој објасни дека сака играта „да го спаси од заборав еден од најсветлите периоди во нашата историја“.

Автор: Милица Стојановиќ

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 940x400

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ