Српскиот претседател Александар Вучиќ ги нарече бесмислени тврдењата дека Србите ги напуштиле косовските институции по наредба на Белград, оценувајќи дека многумина не сакаат да сфатат со какви проблеми се соочуваат Србите, а дека на расплетот пред сè можат да влијаат САД.
„Секако дека станува збор за големи, речиси тектонски промени“, истакна Вучиќ синоќа гостувајќи на телевизија Пинк, и оцени дека одлуката на Србите за напуштање на институциите на Косово е историска.
Одлуката за повлекување на претставниците на Србите од косовската влада, парламентот и локалната самоуправа на северот како и правосудството и полицијата на Косово беше донесена во саботата. Претседателот на Српска листа Горан Ракиќ, српската партија на Косово, претходно најави дека одлуката ќе остане на сила сè додека Приштина не ги повлече мерките за регистарските таблички издадени од Србија и додека не ја формира Заедницата на српски општини.
Вчера илјадници косовски Срби на протест во северниот дел на Косовска Митровица ја обвинија Европската Унија дека не го почитува Бриселскиот договор, а би требало да е негов гарант, и ги поддржа сонародниците да ги напуштат функциите во косовските институции.
„Има општа еуфорија на северот на северот на Косово и одушевување од пружањето отпор на Приштина со напуштањето на институциите. Луѓето порачаа дека се посветени на она што Србија го потпиша во Брисел, пред сè на Заедницата на српски општини“, кажа Вучиќ.
„Кога ќе ве турнат во ќош, тогаш немате избор“, истакна Вучиќ истакнувајќи дека „нема план Б“ и дека никој не сака конфликт, пред сè Американците.
„Напротив, зошто би им требал конфликт? Не им треба. А се однесуваа многу покоректно од одделни Европејци, но не велам дека ќе бидат на наша страна – секогаш ќе бидат на страната на нивното милениче кое го негуваат 14 години“, кажа Вучиќ алудирајќи на поддршката на Вашингтон на Косово.
Вучиќ истакна дека значајна улога во расплетот на ситуацијата можат да имаат Соединетите Американски Држави. „Ако Американците бидат доволно паметни“, ќе им кажат на косовските заштитни сили (КФОР), мисијата на ОН (Унмик) и правосудната мисија на ЕУ (Еулекс) „тие да ги вршат работите на северот, а не албанските институции“.
„Ако тоа не се случи, тоа ќе води кон катастрофа“, порача српскиот претседател, истакнувајќи дека „луѓето повеќе нема да го трпат однесувањето на Приштина“ која не ги почитува своите обврски.