PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 1180x200

За Велигден и 1 Мај македонските туристички центри ќе бидат полни со гости

Apr 21, 2022

Охрид, Струга, Берово, Крушево, Дојран за претстојните празници ќе бидат полни со гости.

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 300x250

Сместувачките капацитети во некои од овие туристички центри ќе бидат речиси целосно исполнети. Ќе има претежно домашни гости, со исклучок на македонскиот бисер Охрид каде се очекуваат и туристи од соседството. По две години со застој поради пандемијата, сега Охрид ќе се наполни со туристи.

Од Општина Крушево велат дека и во нивниот град има голем број резервации за продолжените викенди.

„Во контакт сме со сместувачките капацитети и тие се скоро целосно исполнети за Велигден и 1 Мај. Ќе имаме домашни гости за празниците, а веќе кон крајот на мај очекуваме и странски туристи. За празниците има и дневни посети, при што очекуваме дека во време на еден продолжен викенд во Крушево ќе има од 2.000 до 3.000 посетители“, вели Сотир Габелоски, лице за односи со јавност во Општина Крушево.

Интерес има и за посета на Дојран, и ова го потврдуваат од хотелите во градот.

„Гостите ќе почнат да доаѓаат на Велики Петок, но сепак Велигден е семеен празник, време кога луѓето одат на гости, а поголем интерес има за 1 Мај, скоро сѐ е резервирано месец дена однапред. Генерално се тоа млади луѓе, а дневни посети во Дојран има постојано, затоа што доаѓаат луѓето од околните градови“, објаснуваат од хотел „Полин“ од Дојран.

Од Општина Берово исто така очекуваат дека по овие денови со ниски температури и студено време, конечно ќе има разведрување за празникот, а со убавото време, очекуваат и неколку илјади гости во градот.

„Очекуваме домашни туристи. Некаде околу 80 отсто од капацитетите се резервирани, а во Берово вообичаено доаѓаат и посетители од градовите како Струмица, Делчево, Виница, Кочани, Штип. Сега се тргнати рестрикциите за патување, и очекуваме дека ќе имаме и гости од соседна Бугарија“, додаваат од Општина Берово.

Владата ги укина ковид сертификатите за влез во земјава. Се очекува дека олеснетите ковид мерки во земјава ќе го зголемат протокот на патници. Статистиката покажува дека во периодот јануари – февруари 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 34.7 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 13.3 отсто, а кај странските зголемувањето е за 66.2 отсто.

PROGRAM I PAGUAR POLITIKË 940x400

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ