Ако побарувачката за медицински услуги кои ги нудат најголемите приватни болници пораснала за 60% (лани во однос на 2020 година) и достигнала 110 милиони евра тогаш мора да се признае дека „итно и неодложно“ мора да се прави приватизација или концесионирање на делови од јавното здравство
Македонскиот јавен (читај државно поседуван) здравствен систем плаче за мега-ремонт! Официјалните финансиски податоци покажуваат дека двете најголеми приватни болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ лани имале приходи кои достигнале 110 милиони евра. Приходите од продажба на медицински услуги на овие компаниии пораснале за 59 отсто лани во споредба со 2020 година!
Ова јасно говори дека секој што може да плати или мора да се лекува го бира квалитетот на приватното здравство кое го нудат „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“. Од друга страна овој тренд на пораст на побарувачката за нивните медицински услуги укажува дека е неопходна опфатна анализа на квалитетот на медицинските услуги кои во државното здравство треба да „конкурираат“ на овие две приватни клинички болници.
Државниот фонд за здравствено осигурување, што го полнат сите вработени лица преку одбитокот од плата за јавно здравство, лани платил 500 милиони евра за медицински услуги на болници и амбуланти со кои има договори. За жал нема официјални достапни податоци за тоа колку пари државниот Фонд платил за исти медицински услуги на приватни болници и на државни односно јавни медицински установи. Доколку би имало такви податоци би можеле да направиме многу попрецизна слика за обемот на услугите меѓу конкурентни здравствени установи.
Бизнис потенцијалот на приватното здравство на нашиот здравствен пазар е голем. Мерлив аргумент во прилог на ова тврдење е ангажманот на осигурителните компании кои продаваат приватно здравствено осигурување. Во 2021 година 10 компании продале здравствено осигурување вредно 6,6 милиони евра, а исплатиле на своите осигуреници 3,4 милиони евра за покривање на трошоци од медицински услуги кои ги дале приватни болници.
„Аџибадем Систина“ е најголемата приватна болница во Македонија. На пазарот работи 12 години во кои опслужила повеќе од 600.000 пациенти. Има над 1.000 вработени меѓу кои повеќе од 200 се доктори специјалисти и располага со повеќе од 300 болнички кревети. „Жан Митрев“ е болница која е бренд во областа на кардиохирургијата, но има 15 специјалности на својата палета од услуги. Има над 350 вработени и над 120 болнички кревети. Освен во Скопје, „Жан Митрев“ има болници во Струмица и во Битола.
* Во голема мерка во профитот на Аџибадем Систина учествува приходот од продажбата на удел во Аџибадем Бугарија
** Податоците се од Централен регистар
Р. Ф.