Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно го повика рускиот претседател Владимир Путин на дијалог и истакна дека Украина е подготвена да разговара и да бара компромиси, но не е подготвена да капитулира.
„Пред сè, подготвени сме за дијалог, но не за предавање“,
изјави Зеленски во интервју за американскиот телевизиски канал Еј-би-си њуз, на прашањето дали Украина е подготвена да ги испочитува барањата на Руската Федерација за прекин на војната: да го променат ставот и да одбијат влез во НАТО, да го признаат Крим како руски и да ја признаат независноста на Донецк и Луганск.
Зеленски во интервјуто истакнал и дека го загубил интересот за влез на Украина во НАТО.
„Овде не се работи за мене, туку за луѓето кои ме одбраа. Што се однесува до НАТО, го загубив интересот по ова прашање откако сфативме дека НАТО не е подготвено да ја прифати Украина. Алијансата се плаши од контрадикторни работи и конфронтација со Руската Федерација бидејќи не станува збор за мене“, додаде тој.