Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во своето видео обраќање до нацијата вечерва, ја опиша како пекол ситуацијата во источниот регион на Доњецк, кој е под силни напади на руските сили.
„Нападите на Писк и Авдијивка се пекол што не можам да го опишам со зборови. И покрај испораките на американски ракети, сè уште не можеме целосно да ја скршиме руската надмоќ во артилерија и жива сила“, рече Зеленски, пренесува „Киев Индипендент“.
Зеленски во неделата објави дека украинската влада одлучила да изврши задолжителна евакуација на населението од источниот регион Доњецк, местото на жестоки борби со руските сили.
Зеленски тогаш изјави дека стотици илјади луѓе сè уште живеат во областите на Донбас, каде што борбите се жестоки и дека многумина одбиваат да заминат, но дека „треба да го направат тоа“.